Без напредок заврши средбата меѓу министрите за надворешни работи на Русија и Украина, Сергеј Лавров и Дмитро Кулеба. Договор за прекин на огнот не е постигнат.
Состанокот траел час и половина, а се одржа во Анталија, Турција.
Кулеба по средбата истакна дека преговорите со Лавров биле тешки, дел од темите биле и хуманитарните коридори.
Украинскиот министер посочил и дека Киев се обидел да пронајде дипломатско решение, а на состанокот станало збор и за можноста од 24 часовен прекин на огнот, но договор немало ниту за оваа тема.
Според неговите зборови, Лавров предложил да се одржи трилатерален состанок и ИАЕА заедно со руски и украински експерти за нуклеарна безбедност.
Лавров, пак, потврдил дека се разговарало за хуманитарните коридори и дека планот е и натаму да биде организирана евакуација на цивили. Посочил дека на последните преговори меѓу делегациите од двете земји одржани во Белорусија, на Украина и биле дадени отворени предлози, но и натаму се чека на одговорот од Киев.
Рускиот министер нагласи дека рускаата операција во Украина тече според планираното. Потенцираше дека е опасно што Украина е снабдувања со оружје, особено ракетни системи, бидејќи може да бидат искористени од терористи.
Во однос на санкциите кои Западот и ги воведе на Русија, Лавров истакнал дека земјата тоа може да го издржи.