Украинскиот претседател Володимир Зеленски очекува позитивен одговор од денешниот состанок на западните сојузници на Украина за неговите барања за итно зголемување на воената помош за неговата земја.
Коалицијата од педесеттина земји предводена од САД, позната како Контакт-група за одбрана за Украина, ќе се состане денеска во Брисел, на маргините на состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
-Очекувам напредок од нашите партнери во однос на противвоздушната и противракетната одбрана и договори за нови испораки на различно оружје и муниција што се од витално значење за нас, рече Зеленски синоќа во своето редовно вечерно обраќање.
Украинската војска вчера соопшти дека во руските ракетни напади се оштетени повеќе од десет градови, вклучувајќи ги Лавов, Бахмут, Авдиивка и Запорожје.
-Во последните 24 часа, окупаторите повторно прибегнаа кон масовни ракетни напади – повеќе од 30 крстосувачки ракети, седум воздушни напади и 25 гранатирања, соопштија украинските вооружени сили.
Украинската команда тврди дека украинските сили убиле повеќе од сто руски војници во јужниот регион Херсон, информации што не се потврдени од независни извори.
Во неколкуте вчерашни ракетни напади загинаа седум лица во Запорожје, изјави помошникот на претседателот, а дел од Лавов остана без струја, соопштија локалните власти.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников ја поздрави испораката на дополнителни четири ракетни лансери „ХИМАРС“ од САД, орудие чија прецизност и подолг дострел ѝ овозможи на Украина да ја намали руската артилериска предност и ја поттикна неодамнешната контраофанзива.
„Време на ’ХИМАРС’. Добро време за Украинците, но лошо за окупаторите“, напиша Резников на Твитер.
Украина вчера го доби првиот од четирите ветени противвоздушни системи „ИРИС-Т“ од Германија, соопшти извор од германското Министерство за одбрана. Соединетите Американски Држави соопштија дека забрзуваат со испораката системи за напредна воздушна одбрана „НАСАМС“ на Украина.