недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Зеленски го потпиша законот со кој Божиќ во Украина ќе се слави на 25 декември

Зеленски го потпиша законот со кој Божиќ во Украина ќе се слави на 25 декември

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потпиша закон за промена на датумот на државниот празник Божиќ во Украина од 7 јануари на 25 декември, како дел од напорите за „откажување од руското наследство“, јави Киев Индепендент.

Според новиот закон, Денот на украинската државност ќе биде поместен од 28 јули на 15 јули, а на 1 октомври наместо на 14 октомври ќе се одбележува Денот на бранителите на Украина и Покров на Пресвета Богородица.

Независната (автокефална) православна црква на Украина вчера го усвои новиот јулијански календар, а промената ќе стапи во сила на 1 септември.

Тоа значи дека датумот на верските прослави на Божиќ ќе се помести од 7 јануари на 25 декември.

До неодамна, и Православната црква на Украина и украинските гркокатолици го користеа само јулијанскиот календар, кој го користеше и Руската православна црква.

– Украинскиот народ долго време беше подложен на руската идеологија во речиси сите животни сегменти, па дури и Божиќ се славеше според јулијанскиот календар, се наведува во образложението на одлуката што ја изгласаа пратениците во Државната Рада во средината на јули.

Во текстот се вели и дека „силното заживување на украинската нација продолжува и дека постојаната борба за сопствениот идентитет придонесува за свеста и желбата на секој Украинец да живее во согласност со традицијата и свои празници“. (МИА)