Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека европските земји кои продолжуваат да купуваат руска нафта заработуваат од туѓа крв.
Во интервју за Би-Би-Си, Зеленски ги издвои Германија и Унгарија, обвинувајќи ги дека го блокираат процесот на ембарго. Тој тврди дека Русија може да заработи до 250 милијарди фунти од продажбата на енергенси оваа година – што е зголемување за повеќе од една третина во споредба со минатата година.
Се зголемува незадоволството кај украинското раководство од Германија, која поддржа некои санкции против Русија, но не поддржа построги мерки во однос на продажбата на нафта, пренесува Би-Би-Си.
– Некои од нашите пријатели и партнери сфаќаат дека сега е поинакво време, дека веќе не е прашање на бизнис и пари. Ова е прашање на опстанок, рече Зеленски. (МИА)