Европската унија би можела да се соочи со масовен прилив на околу 10 милиони бегалци од Африка во текот на следните години, доколку не ја смени својата политика, тврди чешкиот претседател Милош Земан.
– Ако ЕУ не собере храброст да ги зајакне своите надворешни граници, за што постојано зборува но ништо не презема, тогаш ќе имаме 10 милиони бегалци во следните неколку години, истакна Земан.
Тој додаде дека приливот на бегалци од муслиманските земји претставува закана за европската култура, бидејќи тие две култури „не се компатибилни“.
Земан саркастично се согласи со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, која смета дека исламот има место во европската култура, нагласувајќи дека „исламот дефинитивно припаѓа тука поради војната со Отоманското царство“.
Тој предлага, наместо да ги прифати бегалците, ЕУ треба да им пружи финансиска помош на државите од каде тие пристигнуваат.
Чешка, заедно со Унгарија и Полска, одбива да прими мигранти согласно договорот на ЕУ за нивна распределба.