среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Земјите на ЕУ во 2022 година примиле речиси еден милион барања за азил

Земјите на ЕУ во 2022 година примиле речиси еден милион барања за азил

Земјите-членки на ЕУ примиле речиси милион барања за азил во 2022 година, а најмногу Германија, објави денеска Европската агенција за азил (ЕУАА).

Тоа е зголемување од околу 50 отсто во споредба со 2021 година во земјите од ЕУ плус, каде се вклучени Лихтенштајн, Исланд, Норвешка и Швајцарија.

– Комбинација од кризи, вклучувајќи нови и стари конфликти, климатски шокови, геополитички немири, насилство и прогон, принудија еден милион луѓе да ги напуштат своите домови во 2022 година, се наведува во извештајот на ЕУАА.

Меѓу апликантите имало околу 42.000 деца и малолетници без придружба, најмногу од 2016 година, од кои речиси две третини се од Авганистан и Сирија.

Од речиси еден милион барања за азил поднесени минатата година, Германија прими најголем број (244.000), а потоа следат Франција (156.000), Шпанија (118.000), Австрија (109.000) и Италија (84.000), што е вкупно 996.000 барања.

Во Европа рекорден број барања за азил се поднесени во 2015 година (1,4 милиони) и во 2016 година (1,3 милиони).

Но, некои земји-членки пријавија повеќе барања од кога било досега од почетокот на паневропското собирање податоци во 2008 година, вклучувајќи ги Австрија, Франција, Шпанија и Португалија. Најголем дел од барањата поднеле државјани на Сирија, Авганистан, Турција, Венецуела и Колумбија.

Во податоците на ЕУАА не се вклучени речиси четири милиони бегалци од Украина, кои не мора да поминат низ сложени процедури за одобрување азил.