Властите на Калифорнија денеска апелираа до граѓаните да ја намалат потрошувачката на електрична енергија во нивните домови и канцеларии, бидејќи голем дел од државата на западот на САД е под влијание на екстремен топлотен бран, што се заканува да предизвика колапс во снабдувањето со струја.
Метеоролозите најавија дека температурата во најнаселената американска сојузна држава ќе се искачат над 38 степени Целзиусови во текот на попладневните часови, јавија американските медиуми.
Таквите екстремни временски услови се најновата последица на климатските промени во западниот дел на САД, каде што шумските пожари и силната суша стануваат постојано присутна, растечка закана.
Со оглед на се почестите периоди на прекумерна топлина, се зголемува оптоварувањето на системот за снабдување со електрична енергија и вода, предупредуваат експертите.
За да се спречи прекин на електричната енергија, од жителите се бара да ги исклучат светлата и електричните апарати и да ги постават своите термостати на просечна температура од 26 Целзиусови степени.
Намалувањето на потрошувачката е особено значајно во периодот од 16:00 до 21:00 часот по локално време, кога потрошувачката во таа американска држава го достигнува својот максимум, а почнува да опаѓа производството на соларна енергија. (МИА)