На експедицијата на КК Партизан денеска не и беше дозволен влез на територијата на Косово. Српскиот клуб се упати кон Косово да даде поддршка на своите сонародници кои протестираат против мерките на Приштина, но и да одигра пријателски натпревар со Трепча, братски клуб на „црно-белите“ од 2014 година.
Партизан беше сопрен на граничниот премин „Јариње“.
Песимизам дека ќе успеат да влезат на Косово изрази претседателот на КК Партизан Остоја Мијаиловиќ.
– Европа не знае што се случува на Космет. Преминот ни е забранет. Сакавме мирно да протестираме со својот народ и да одиграме пријателски натпревар, изјави првиот човек на Партизан.
Тој кажа дека проблемот настанал, бидејќи експедицијата не била најавена.
– Ни кажаа да одиме преку брдото, но не сакаме да ризикуваме апсење. Видете што се случува во 21 век, додаде Мијаиловиќ.