„Парижанка во Делчево“ е насловот на ликовната изложба од авторката Лена Ѓуриќ чии дела денеска ќе бидат изложени во фоајето на Спомен-домот АСНОМ во Делчево.
Изложбата е во рамки на одбележувањето на празникот посветен на свети Климент Охридски, а во организација на Општина Делчево, НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и делчевското основно училиште „Св. Климент Охридски“ кое со оваа изложба ги започнува активностите за одбележување на патронот на училиштето.
-Во фоајето ќе бидат изложени 30-ина дела од авторката Ѓуриќ, кои се богати со емоции, колоритни, со богат наратив и лесно воочлива симболика со што се привлекува вниманието на публиката, велат од НУЦК Н.Ј.Вапцаров.
Авторката Лена Ѓуриќ е родена во Свети Николе, а трисетина години од својот живот ги поминува во градот на светлината Париз, каде ги впива креативните енергии на најголемите светски репрезенти на уметноста. Париз е и местото, каде нејзиниот талент за уметност се развива и станува реалност. Последниве години, Лена живее и твори во Штип. На сликарското платно, таа овековечува портрети, жива и мртва природа.
Досега, богата колекција од ликовни дела на Ѓуриќ се изложувани низ повеќе градови во Македонија, како Штип, Битола, Струмица, Радовиш, Виница, Свети Николе, Берово, Скопје.