Во Апелацискиот суд во Атина денеска беше спроведена евакуација на вработените и посетителите по две анонимни дојави за поставени бомби во судот.
Непознато лице се јавило во весникот „Елефтерос типос“ и во порталот „Зоугла.гр“ и предупредило дека евакуацијата треба да заврши до 11 часот и 20 минути.
Полицијата се однесува сериозно кон таквите предупредувања, бидејќи вчера по такви телефонски повици експлодира рачно изработена експлозивна направа пред зградата на телевизијата „Скај” и весникот „Катимерини”.
Во декември лани до зградата на Апелацискиот суд во Атина експлодира експлозивна направа, предизвикувајќи само материјална штета. Тогаш одговорноста ја презеде екстремистичката организација „Народни борци“, која, исто така, е осомничена и за вчерашниот бомбашки напад.