сабота, 30. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Дно

Дно

Тоа што како на нација и држава вчера ни се случи, а во континуитет трае веќе подолго време ме доведе во недоумица. Дали го допревме дното? Дали ние сме дно? Можеби отидовме дури и под дното во талогот запретувајќи се за да не се познава дека воопшто некогаш сме битисувале на белиот свет како народ, држава, нација, општество, цивилизација.

Навредите болат и минуваат, но историскиот срам не се брише. За некој образот е ништо, а за некого тоа е прашање на битието на животот на помнењето за него и неговото опстојување. Тоа е основната и суштинска разлика помеѓу нас и нив, ние кои си ја сакаме татковината и нив ( читај СДС) кои не ни помислуваат на татковината, а се заради лични лукративни интереси.

Кога лицето Зоран Заев кој се претставува како премиер пред свој колега па дури и од Грција нека е, се лигави и однесува како недозреан и тинејџерски си прави селфи без трошка достоинство, кога министерот за одбрана Шеќеринска (намерно или случајно, а во случајности не верувам) ќе го дочека Ципрас во модна комбинација во боите на Грчкото знаме и ќе се слика крај него, кога намерно нема да се интонираат химните на државите при официјална посета на странски државен претставник од највисоко ниво, кога сопругата на Заев ќе ја шета по Бутел и во шопинг (во приватна режија) партнерката на Ципрас, кога почесната гардиска чета на АРМ и воениот оркестар нема да бидат на дочекот и уште многу кога… Тогаш, не станува збор за службена официјална посета на премиер на друга држава, туку станува збор за еднодневна екскурзија на Ципрас со својата партнерка и бизнис партнери во приватна посета на Заев и неговата сопруга и бизнис партнерите на Заеви, а се со цел да си се зацврстат личните пријателски и бизнис врски. Тоа што се излигавија пред Ципрас на разни начини, кој со селфи, кој со длабоки поклони, кој со усогласена соодветна и пригодна гардероба, кој со пофалби за својата кооперативност и неизмерна „љубов“ кон Грција и демократската денационализација на Македонскиот народ, тоа нема врска. Да нема врска, но нема врска со здрав памет.

Сепак оваа лично простирање како „пачаври“ пред Ципрас и покажување на политичка незрелост и аморфност е лична карактеристика на сегашната Влада и СДС. Страшно е тоа што се покажува тенденција која и во пракса секојдневно можеме да ја видиме на предизборните митинзи на СДС, а која покажува дека вирусот на лигавење и полтронизам кој започнува од самиот Заев ги инфицира дури и граѓаните, членовите на СДС и за тоа има комплетна партиска поддршка. Лигавењето кое го гледаме на митинзите на претседателскиот кандидат на СДС е слика на дното на кое се наоѓаме како општество. Среќа што се уште има сол на Македонската земја (односно самосвесни и цврсти патриоти Македонци) та тлее огнот на Македонизмот и има надеж за Македонија и Македонскиот народ.

Замислете сега, како со ваква матрица на лигавење кон меѓународната заедница и странските претседатели и премиери ќе се однесува Пендаровски доколку (не дај Боже) биде Претседател на Република Македонија (или по нивно Северна Македонија) и уште пострашно е да се замисли со каков ли „ентузијазам“ ќе врши стравичен притисок врз потчинетите да се однесуваат полтронски под секое ниво и човечко достоинство кон него како кон нивен претпоставен. Познавајќи некои од луѓето кои по функција се потчинети на институцијата „Претседател“ и знаејќи какви цврсти личности се, мислам дека тоа ќе биде голем проблем како во личните така и во професионалните релации и ќе се рефлектира врз државата.

Овој начин на однесување на СДС, на самиот Заев и сите околу него преточено во тенденцијата таа полтронска матрица да ја инсталираат во нивното партиско членство и тоа да го прикажат како вредност која треба да биде општоприфатено однесување во Македонското општество претставува страшен етички и психолошки удар врз нацијата. Не се работи за инсталирање на „Заевизам“ ова е класичен ИДИОТИЗАМ во кој Заев и СДС колективно сакаат да не внесат и притоа да не лоботомираат за да бидеме зомби во нивна функција.

Таквиот колективен идиотизам кој се пласира како вредност и корисно однесување се погубен чекор врз менталната хигиена на нацијата. Не ме чуди што логореичниот „бард“ на Македонското новинарство веднаш по задача и нарачано истрча да ги брани селфи приказните на Заев и Ципрас, впрочем не само во светските медиуми и на светските социјални мрежи излегоа нивните селфи слики како на попалени тинејџери, а не како на премиери на две држави (кој колку е тука независен и самостоен, како и какви се коментарите на социјалните мрежи е друго прашање). Не ме чуди ниту тоа што го нема реформаторот Петар Богоески на прекар викан Бунтур (во превод прекарот му значи „Ѓубре“), бидејќи и тој по нарачка одработува, но само во дворот на ВМРО-ДПМНЕ кога треба да се напаѓа ВМРО како партија или Мицкоски како нејзин претседател и лично, за недемократија и слични измислици, едноставно таква му е задачата, но ќе се јави тој, како што се јавуваше и против Груевски, нели и тогаш имаше недмократија во ВМРО-ДПМНЕ и Македонија, а сега…

Овој невкус на идиотизам на полтронство на заевизам или „завидлизам“ според севењачката лексика на Заев, токму не доведе до дното или станавме дно на сопственото етичко однесување, на сопствената самосвест за моралните вредности, на себе понижување како колективно така и индивидуално. Жално и трагично како за нацијата така и за секого од нас поединечно, не само за оние лица кои во неповрзани извештачени и псеудо емотивни настапи се лигавеа пред Стево и Заев, туку и за нивните семејства, роднини, пријатели, познаници, сограѓани. Кого ли познаваат тие кога ништо не препознаваат.

И целата оваа национална трагедија на Заев му изгледа забавно и смешно, насмеан (а тоа ми е многу сомнително од други соображенија и состојби), оклештен, разигран, возбуден (како и неговите членки кои се возбудени, незнам од што тоа или поради што па сакаат да ги посвои, а незнам за кои потреби се посвојува полнолетно лице) во прегратката на Ципрас, но на самата конференција за печат Ципрас кажа една многу интересна работа која можеби изгледа наивно но многу кажува, а на тоа се надоврза Заев со неговата „надареност“. Имено, Ципрас кажа дека Препспанскиот договор може да го смени само волјата на еден од народите (ве молам внимателно преслушајте ја изјавата на Ципрас или преводот кој го кажа официјалниот преведувач), а во контекст на прашањето дали Мицотакис доколку победи на претстојните парламентарни избори во Грција би го поништил договорот. Сега се поставува прашањето: „Кој со кого си игра мајтап и кој е дно и до дно понижен со договорот и кој си остава политички простор и оправдување да по оствареното понижување приреди уште поголеми понижувања на Македонскиот народ“? За да остане ли уште поголем историскиот срам кој Заев го фрли врз Македонскиот народ? За жал оваа изјава помина некако незабележано, а верувам и поради тоа што веднаш на ова се надоврза Заев со еден свој „заевистички виспрен“ коментар дека се надева оти опозицијата за да дојде на власт ќе почека уште неколку години, а при тоа мислеше на опозицијата во Македонија. Секако, за Заев не е проблем кој ќе е на власт во Грција, тој е подготвен и на Мицотакис да му се излигави уште повеќе отколку на Ципрас, до менталниот склоп е, а и кога е некој на дното во мочуриштето, во талогот со таков соодветен ментален склоп убаво му е се чувствува природно, може да мати, мешетари, да се лигави и тоа да го бара и од другите како голема вредност и достигнување на извртената диоптрија на СДС.

Затоа народе мој Македонски време е да го започнеме процесот за детронизација на Заев и СДС, претставени преку заевизмот, идиотизмот, понижувањето, полтронизмот. Тоа можеме да го направиме на 21-ви Април и да ја избереме професорката Силјановска за Претседател на Република Македонија и тоа уште во првиот круг, а потоа да бараме од Заев предвремени парламентарни избори. Нели јавно вети (иако многу работи вети, но се излажа) дека доколку изгуби на претседателските избори ќе даде предвремени парламентарни избори.

Тоа е патот да се кренеме од талогот на понижувањето и срамот на нашите личности и нашата нација. Тоа е начинот како да не бидеме дно туку да се кренеме кон раѓањето на новото сонце на слободата над Македонија. Да го направиме тоа во пракса и да ја запееме нашата химна без срам, бидејќи тие кои се срамат од химната и својот народ не заслужуваат ниту името да им се споменува, а не пак да владеат со светата Македонска земја. Да не бидеме дно, туку достоинствен, цивилизиран и европски народ бидејќи Македонија е лулката на словенската писменост и култура.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов за КУРИР.