вторник, 26. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Кисела Вода со огромна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова

Кисела Вода со огромна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова

Еуфорична и победничка атмосфера во штабовите на двете македонски партии.

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ прогласија победа во првиот круг од претседателските избори, а челниците на двете партии прогнозираат јасна и недвосмислена победа на нивните кандидати во вториот круг. Но, ако се направи посериозна анализа на резултатите, излезеноста и општата атмосфера се добива јасна слика дека ВМРО-ДПМНЕ е во далеку поголема предност, со голема поддршка кај македонското гласачко тело, но што е уште позначајно со одличен резултат и во општините кои важат за бастиони на оваа партија.

Следен битен показател кој говори дека за многу кратко време, односно на следните парламентари, па и локални избори, ВМРО – ДПМНЕ ќе се врати на власт е податокот дека од 58 општини во кои СДСМ освои победа на последните локални избори во 2017 година, владејачката партија го изгуби водството во 43 општини по првиот круг од претседателските избори.

Конкретно, според обработените резултати од првиот круг на претседателските избори, СДСМ ја губи поддршката на граѓаните во Вардарскиот, Источниот и Пелагонискиот регион од Македонија. Меѓу поголемите градови каде овој пат предничи ВМРО-ДПМНЕ се Битола, Прилеп, Велес, Кратово, Штип, Кочани и Гевгелија.

Во скопските општини, разликата е очигледна. Во првиот круг од претседателските избори, СДСМ губи во Ѓорче Петров, Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба и Бутел.

Најеклатантен пример за новите ветришта кои дуваат и му даваат сериозна предност на ВМРО-ДПМНЕ е скопската општина Кисела Вода. Таа отсекогаш важела за бастион на ВМРО-ДПМНЕ, со одлични резултати и на локални и на парламентарни и на претседателски избори. И во услови на генерално лоша атмосфера кон ВМРО-ДПМНЕ на државно ниво, Кисела Вода опстојувала во намерата да носи победи за ВМРО-ДПМНЕ.

Таа слика во последните скоро две децении, беше единствено нарушена во 2017 година, кога на локалните избори за градоначалници и советници, победи СДСМ со некаде околу 3.700 гласови разлика. Нешто, што никако не беше очекувано за бастионот на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, од вчерашните резултати се добива добро познатата слика на победничка Кисела Вода. Кисела Вода која дава поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и професорката Гордана Силјановска Давкова. ВМРО-ДПМНЕ освои 14.685 гласови, наспроти само 10.295 гласови за Стево Пендаровски.

Лесно е да се заклучи дека од негативата која ВМРО-ДПМНЕ ја имаше од локалните избори 2017 година во висина од 3.700 гласа до позитивата од околу 4.400 гласови, кои ВМРО-ДПМНЕ ги доби вчера, всушност се крие победа од преку 8.000 гласа кои за неполни две години легнаа на контото на ВМРО-ДПМНЕ. Победата е уште поизразена и поради нискиот процент на излезност од само 50% на општинско ниво, што говори дека станува збор за квантен скок и голема разлика која ВМРО-ДПМНЕ ја направи на локално ниво во најстарата скопска општина. Податок, кој сигурно е резултат на лошите политики на власта на СДСМ, но и на одлично сработена работа на партиското раководство и партиските активисти  на општинскиот огранок на најголемата македонска политичка партија.

Велат, неопределните секогаш се ориентираат кон победниците, а победник во Кисела Вода е ВМРО-ДПМНЕ. Вториот круг е за две недели, а очекувањата се дека оваа разлика може само дополнително да се зголеми, како на локално,така и на државно ниво, што ќе биде силен сигнал до власта за предвремени парламентарни избори.