Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски ќе го пречека Александар Чеферин, претседателот на УЕФА на официјалното отворање на сместувачкиот капацитет во рамки на тренинг центарот „Петар Милошевски“, информираа од ФФМ.
Новиот капитален објект на ФФМ ќе биде пуштен во употреба в четврток на 15 февруари.
Објектот во склоп на комплексот „Куќа на фудбалот“ во себе содржи сместувачки капацитет за учениците од ФФМ/УЕФА, елитната академија, за младите национални тимови, апартмани за селекторите и стручните тимови, како и заеднички простории – сала за состаноци, училници и заедничка кујна и трпезарија.
– Ова е прв објект од ваков вид во Македонија, а со отворањето се потврдува дека ФФМ работи согласно нејзината визија: Фудбалот на прво место, создаваме можности. Една од главните заложби на Фудбалската федерација на Македонија е да ја препознае и да го направи многу подобар „фудбалскиот живот“ на младите. Со посветеност и системска работа „Фудбалската академија“ веќе ги вреднува резултатите од својата студиска програма, но задача е постојано да се развиваат и унапредуваат содржините на програмата за работа на академијата и младинскиот фудбал, велат од ФФМ.