Зоран Дамјановски – Циц го нема веќе, но навиките останаа исти. Максим Димитриевски и после 100 дена ниту реализираше ниту отпочна барем еден единствен проект за граѓаните. За 100 дена Максим Димитриевски не успеа да направи ништо, реагира Игор Божиновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ветувањата останаа само ветувања, а проектите не се ни во план да се реализираат од општината и градоначалникот. За 100 дена Максим Димитриевски освен сликање по парадирачки тековни настани, не успеа да реши ниту еден проблем на граѓаните. Куманово стана град кој е неподнослив за живеење од секој можен аспект, а животот во селата е застанат како во 18тиот век. Граѓаните таму немаат основни услови за живот. Максим Димитриевски и СДСМ ветуваа живот за сите, а животот дојде само за партиските војници на СДСМ. Во општина Куманово владее партиски и семеен непотизам и се вработуваат само партиски војници на СДСМ. Проблемот со загадувањето за кој Димитриевски ветуваше дека ќе се реши веднаш по неговото доаѓање на функција, е поголем проблем за граѓаните од било кога. Куманово е позагаден град од било кога. Аерозагадувањето руши рекорди во цел свет, а кумановчани се трујат и гушат во смог. Станавме рамо до рамо со најзагадените градови во светот, истакнува Божиновски.
Тој вели дека дивите депонии никнуваат на секој чекор во градот, нема чистење на речното корито и нема дислокација на големата долгогодишна депонија.
-Нема чистење на мини депониите низ целата општина. Депониите шират миризба и бактерии кои се опасни по нашето здравје и здравјето на нашите деца. Сообраќајниот хаос во Куманово е проблем кој се провлекува со години наназад, а денес ескалира. Куманово е небезбеден град за граѓаните, за возачите и за пешаците. Урбаната мафија царува и понатаму, а не е преземен ниту еден чекор од новиот градоначалник за нејзино сузбивање. Градењето без план е огромен проблем со кој се соочуваат граѓаните. Нема отворање на нови работни места, невработеноста од ден на ден расте, а привлекување инвестиции е само мисловна именка. Очигледно е дека работата на Максим Димитриевски не е во полза на граѓаните. Единствено е во негова лична полза и во полза на партиските интереси. Недомаќинското владеење само продолжува да го уништува градот и да ги принудува луѓето да се иселуваат од Куманово. За жал граѓаните повторно се изманипулирани и ќе мораат да го трпат уште неколку години ова расипничко владеење на СДСМ, додава тој.