недела, 24. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Кој му даде безбедносен сертификат на Заев?

Кој му даде безбедносен сертификат на Заев?

Насловот е прашање на кое треба да се побара суштински одговор. Тоа е токму клучниот индикатор за состојбата во која се наоѓа Македонија во актуелниот миг. Состојба која ја карактеризира разрушен државен систем во сите аспекти на државност. Во овој актуелен момент, Македонија е псеудо држава, во која не функционираат институциите на системот, бидејќи системот е девастиран и псеудо држава со која раководи лик под маска со крајно сомнителна состојба за извршување на било каква функција, а не пак премиерска.

Се би било смешно доколку настаните во последниве 24 часа не се до тој степен сериозни што како нација треба да викнеме во еден плач и ридање поголемо од онаа што се слушало од Галичник до Река и можеби поголемо од плачот на Израилот на реките Вавилонски.

Тоа што го имаме како сегашен резултат, а посебно што ќе има последици во иднина врз државата тешко е да се опише, објасни, процени, анализира и врами во една колумна. Но, ете ќе се обидам накратко да ги сублимирам безбедносно-политичките штети кои ги предизвика безбедносната некултура на Заев, а што се должи пред се на одговорот на прашањето поставено во насловот. Впрочем, одговорност за оваа што денес ни се случува носат многу институции и поединци, но според епилогот од кажаното на конференцијата за печат од страна на Заев, никој нема да носи одговорност. Едноставно е нели, се е мајтап, па така може да очекуваме и медиумите на Заев се да сведат на едноставна шега на која наседнал „наивниот“ Заев. Сега се прашувам: „Дали луѓето кои извршуваат државни функции во владата, кабинетот на премиерот и безбедносните структури имаат минимално чувство за одговорност поради овој скандал“? и „Дали сите тие на чело со Заев се свесни за штетата која ја нанесоа врз Македонија“? Таа штета е повеќедимензионална, повеќенасочна и долгорочна на политичко-безбедносен план со импликации и на социјален и економски, колку и да се обидуваат да ја минимализираат целата безбедносна некултура, нефункционалност на системот и незнаење. За носење конкретна и директна етиучка, политичка и безбедносна одговорност нема да стане ниту збор, бидејќи да имаше и минимално чувство на одговорност денес Заев ќе поднесеше оставка и ќе побараше да се распишат избори.

Гледано од аспект на градењето доверба и кредибилност пред нашите партнери може да кажеме дека првиот удар ќе биде токму тука. Имено, каков впечаток ќе оставиме пред НАТО и ЕУ? Сите земји членки на НАТО и ЕУ до крајни граници ќе внимаваат во односите со нас или поточно кажано ќе бидат недоверливи кон нас и при најбанални изјави, а не во контекст на креирање и спроведување на клучни стратешки планови и активности. Згора на тоа, објективно ценето којзнае колкава ќе биде штетата врз споменатите политички лица од други држави и изнесување на детали за разговорите со нив. Како последен сегмент е изнесувањето на планови за определени активности, заради што може да се предизвика небезбедност од аспект на поттикнување на групи и државни недржавни актери на дејствување и особено поттикнување на асиметрични закани во регионот и кон Македонија.

Второ е тоа што се нарушуваат односите со соседите, а преку изнесување на информации за политичко дејствување на соседни политички водства во решавањето на билатерален проблем, со што повторно се креира недоверба и се даваат аргументи за поттикнување на закани и ризици врз безбедноста. За личните односи понатаму на Заев со Харадинај и со Вучиќ воопшто не сум засегнат, но за перцепцијата кон Македонија и состојбата на нејзините институции сериозно сум загрижен. Посебно е прашањето на односите со Грција, односно со новата влада на Мицотакис и нивниот однос кон претходно преземените обврски на Заев што ќе се темели врз нивната проценка за политичко-безбедносниот капацитет на Македонската влада и институции (за капацитетот на Заев веќе од порано им е јасно).

Третата работа е концентрирана околу решавањето на прашањето на МПЦ и ударот врз Вселенскиот патријарх Неговата светост Вартоломеј. Ова директно ќе наштети на МПЦ и нејзината и на целиот Македонски народ вековна борба за автокефалност. Буквално, по сите глупости кои и ги приреди на МПЦ, Заев успеа на крајот да го дискредитира и Патријархот Вартоломеј, а со тоа да затвори уште една врата за МПЦ. Сега во контекст на второто и ова третото, може да очекуваме што се ќе стори Вучиќ во однос на поттикнување на позицијата на СПЦ против МПЦ и како сето тоа СПЦ ќе го искористи во Константинопол но и кај другите помесни Православни цркви. Не сакам ни да помислам на каков потсмев ќе бидеме ставени како народ, држава и црква. Ќе бидеме во очекување како на оваа кон Заев ќе реагира МПЦ.

Последната работа е нападот врз Русија и обвинување дека Русија стои зад оваа глупост на Заев. И да е сето тоа така, а што во пракса многу тешко ќе можеме да го докажеме, тоа Заев не смееше да го спомене во никој случај. Едноставно, се знае до каде смее да се оди, особено во обвинувањата кон некоја друга држава. Во овој случај се работи за земја која е постојан член на Советот за безбедност при ООН. Верувам и видливо беше дека Заев сакаше оваа да го искористи за да обвини медиуми и политички партии за про Руско делување, а за свои личен интерес, но зарем повторно ќе си играме со тривијалности. Ете и јас велам дека е можно зад оваа глупост на Заев да е целосно планирана операција и тоа од Руските служби, но прашањето не се Руските активности туку „КОЈ МУ ДАДЕ БЕЗБЕДНОСЕН СЕРТИФИКАТ НА ЗАЕВ“?

Впрочем, како тоа се стигнува до премиер и се успева да се разговара со него за сериозни сензитивни информации и политичко-безбедносни прашања под лажно претставување и тоа неколку пати.

Ова е основниот проблем, а не расказите за мали деца кој стои зад тоа или „искреноста“, „чесноста“ и „отвореноста“ на Заев нашироко познати.

Ние имаме проблем со функционалност на системот со Заев како лице кое има дискутабилен капацитет и коруптивни лични тенденции, со неговата неспособна и нестручна политичка структура која владее со Македонија. Имаме сериозен проблем кој не дефинира како несрериозна, небезбедна, некредибилна, склона кон коруптивност и псеудо држава без систем кој функционира. Трагично е тоа за нас како држава, но уште потрагично е тоа што никој нема да понесе одговорност, а театарот на сенките ќе продолжи да се игра до бесконечност.

Крајната цел е да се уништи и оној биолошки минимум на стабилно и квалитетно Македонско население (без разлика на етничкото потекло) за да се доразгради државата, затоа и без внимание поминува планот за населување мигранти, затоа сме за мајтап и со оваа последна глупост на Заев, само ни покажуваат каде сме.

Молчејќи и правејќи се недоветни сите ние сме учесници во политичко-безбедносното загрозување на Македонија, регионот и пошироко, бидејќи работата не е за смеење колку и јас самиот да се обидувам да бидам саркастичен во пишувањето, работата е премногу сериозна и имплицира сериозни последици.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов