недела, 14. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Героски до Владата на Заев: „Другарчиња, никој не ве руши, сами се рушите!“

Героски до Владата на Заев: „Другарчиња, никој не ве руши, сами се рушите!“

Има само едно значење на глаголот „паламуди“, што неодамна го употреби премиерот Зоран Заев во рамките на акцискиот план за зачестена употреба на „народскиот јазик“ во Република Северна Македонија, но и повеќе интересни теории за потеклото на тој збор. Значењето, мислам, е широко познато – да се паламуди значи да се зборува напразно но упорно, со убеденост дека нешто сериозно се кажува, а всушност не се кажува ништо битно. Теориите за потеклото на зборот се поинтересни.

Ова го пишува во својата најнова колумна новинарот Бранко Героски кој ја обелодени аферата „Рекет“.

„Првата теорија за потекото на глаголот „паламуди“ води кон нашиот северен сосед Србија. Според таа теорија, зборот доаѓа од фразата „паднати мадиња“ и означува говор на човек кој во интелектуална смисла е килав, односно обезмаден, или во оригинал, човек палих муда. И навистина, кога ќе се види кој сѐ паламуди во Република Северна Македонија  – ха, почна ова повторувањево на РСМ да станува забавно! – се чини дека оваа теорија се наметнува како водечка. Пример за тоа се некои луѓе кои паламудат за најновите актуелности кај нас, во врска со скандалот „Рекет“. Тоа се луѓе на кои мадињата им отпаднаа како природна последица на истекот на мандатот на револуцијата во која беа главни актери на инсеминацијата на надежта. Тие луѓе сега смислуваат неверојатни филозофии и теории на заговори, во надеж дека тој инаку бесмислен трич-прич ќе нѐ потсети на блесокот на нивните некогаш набрекнати мадиња во полн напон, кои сега, за жал, висат исушени и обесени на шајка, како тажен трофеј на една упропастена револуција.

Втората теорија ни доаѓа од југ, од пријателска Грција. Според неа, глаголот „паламуди“ произлегува од грчкиот збор паламуд, со кој наводно се означува одвратен здив од устата. Па смислата е дека паламудење значи ширење на таков одвратен здив од устата. И оваа теорија има основа, бидејќи ова актуелново паламудење што го спомнав, тој глупав напор да се смисли некаква логика на неверојатната недугавост на актерите на драмата „Рекет“, не што смрди, туку базди на еден нов обид, со ситна корупција, аферата да се дефокусира и ако е можно да се избегне најболното прашање – она за политичката одговорност.

Третата теорија, на која делумно полагам авторско право, е дека глаголот „паламуди“ е од б’лгарски происход. Оваа теорија е најмалку „народска“, во онаа смисла во која Заев ја сфаќа придавката „народски“ – како право во име на „народскиот говор“ да навредува други луѓе и цели социјални групи. Имено, постои еден вид на риба што ја има во Медитеранот, во Белото Море, но изгледа најмногу во Црното Море, која се нарекува паламуд. Многу е слична на скушата, но за разлика од неа, има голема уста и остри заби. Рибарите велат дека и покрај овие карактеристики, паламудот не е опасен грабливец. Оттаму, според моето разбирање на можното б’лгарско потекло на глаголот за кој зборуваме, да се паламуди значи да се зборува така да изгледа страшно (страшно сериозно, страшно паметно, страшно што и да е), без оглед што ние знаеме дека таа фацијална експресија на говорникот – широко отворена уста со остри заби – е само комична и лажна закана, особено кога доаѓа од повозрасните премероци, кои се нарекуваат туруци“-пишува тој.

„Другарчиња, никој не ве руши, сами се рушите!“-порачува Героски.

Во продолжение делот на неговата колумна во која се обраќа до Владата:

Конечно, третата теза е настојчивото паламудење дека аферата „Рекет“ е креирана со пучистичка намера да се урне владата на Зоран Заев, за на власт пак да дојде ВМРО-ДПМНЕ, а можеби дури и Никола Груевски да ни се врати на бел коњ. Во овој дел, туруциве најчесто го спомнуваат и моето име. Можеби затоа што јас го пуштив Никола да избега во Будимпешта.

При тоа, се разбира, паламудиве се толку неспособни и јалови, што несакајќи ги откриваат слабостите на владејачката партија, која претседателските избори – пред аферата „Рекет“, пред аферата!!! – ги заврши со минус од 70.000 гласови зад партијата на Христијан Мицкоски. Се откриваат слабостите и паничниот страв на четата на Заев од губење на власта. Затоа кутриот Кирацовски од собраниската говорница плаче – аман луѓе, „Рекет“ па „Рекет“, дајте да зборуваме за други работи!

Другарки и другарчиња, турете си прст на чело, не ги слушајте туруциве и не наседнувајте на ова бескрајно паламудење. Никој не ве руши, самите си се рушите! Уште на самиот почеток ви реков дека аферава, без оглед на сите дефокусирања и разводнувања, има потенцијал да трае и да ја забавува јавноста во Република Северна Македонија до следните избори. Ќе има нови сведоци и нови осомничени, ќе проговорат осомничените, ќе има обвинение, ќе стасаат судските рочишта – каде ќе се криете? Кој ќе ве спасува, ова туруциве? Ама ајде, ви се молам, бидете еднаш сериозни! Како сте тргнале, па вие навистина ќе паднете како гнили круши, по ѓаволите! Ајде, соземете се побрзо, егзекутирајте ја политичката одговорност, зачистете во сопствениот двор, обидете се да се консолидирате и спремајте се за пресудната битка.

Немој после да кажете дека не ви било кажано. Ај сега чао, ве оставам да се забавувате со туруциве. Паламудењето не врши работа, но знае да биде забавно за луѓе во состојба на депресија во напредна фаза.

Целата колумна на Героски, прочитајте ја на ПЛУСИНФО

Најнови вести