Бактеријата МРСА се шири помеѓу дечињата во клонот Кокиче од градинката Весели цветови, а покрај четирите случаи загрижени родители за КУРИР денеска информираат дека се сомневаат на уште три нови случаи кај децата.
Откако пред два дена во медиумите се појави информацијата за заболени на три дечиња и една воспитувачка од бактеријата МРСА денеска редакцијата на КУРИР ја контактираше мајка на дете кое оди во истата градинка тврдејќи дека во градинката во моментов има уште три нови дечиња заболени од МРСА.
-Децата се примаат и чуваат во една просторија, дали некој се интересира за овој случај? Никој не презема ништо, ниту пак директорката Валентина Божиновска. Родителите немаат никаква информација за останатите вработени, дали се заразени со заразната бактерија или пак не, ни потенцира револтираната мајка.
Таа во разговорот за КУРИР вели дека градинката во вакви услови не смее да работи и дека ниту градоначалникот не презема ништо во врска со овој проблем.
Во обид да добиеме точни информации што се случува во клонот Кокиче од градинката Весели цветови се обидовме да исконтактираме со надлежните од оваа детска установа.
При разговорот со лице од управата ни одговорија дека директорката е излезена во моментов, но сите информации можеме да ги добиеме и од Центарот за јавно здравје кое е надлежно за контрола на установата.
-Ние од родителите побаравме дечињата да се однесат и да направат брисеви како и истото го направија и вработените и само кај една од вработените е пронајдена оваа заразна бактерија, велат од управата на градинката.
Сепак ова лице беше нестручно во давањето на целосен одговор па не замоли да не поврзе со главната медицинска сестра на сите објекти, но откако се претставивме дека се јавуваме како новинска агенција која бара одговор ни ја спушти слушалката што е недолично однесување на еден ваков вработен во институција во која во моментов се шири заразната бактерија МРСА.
Одговор по електронски пат побаравме и од Министерството за труд и социјална политика од каде до овој момент немаме добиено никаков одговор.
Одговор на новинарското прашање „Дали општината Кисела Вода врши надзор и инспекциска контрола во градинката“ побаравме и од општина Кисела Вода во која се наоѓа градинката во која беше откриена заразната бактерија.
-Во интерес на објективното и целосно информирање на јавноста би сакале да Ве информираме за следното:
Согласно Законот за заштита на децата, надзор над стручната работа во остварувањето, згрижувањето, воспитувањето, престојот, негата и исхраната во јавните детски градинки врши Министерството за труд и социјална политика. Дополнително, министерството врши надзор над спроведувањето и примената на одредбите од Законот за заштита на децата и другите прописи кои се однесуваат на заштитата на децата и нивното згрижување во јавните детски градинки.
Сепак, општината Кисела Вода постојано е во контакт со надлежните институции и со менаџментот на градинката „Весели Цветови“, во чиј состав е и објектот „Кокиче“.
Имено, согласно последните податоци од Центарот за јавно здравје и менаџментот на градинката во моментов во овој објект се регистрирани вкупно 4 случаи на бактеријата МРСА од кои еден случај кај воспитувач и 3 случаи кај деца. Притоа, преземени се сите мерки, согласно Законот и известени се сите надлежни институции. Дополнително е извршена дезинфекција по индикација, односно вон редовниот термин за дезинфекција на 07.10.2019 година, од страна на Службата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација при Центарот за јавно здравје. Истовремено, на ден 08.10.2019 год. Екипи од државниот санитарен и здравствен инспекторат – П.О. Кисела Вода извршија увид во објектот Кокиче. Ситуацијата континуирано се следи и во секој поглед се следат препораките од надлежните институции – Центарот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, стои во одговорот од општината Кисела Вода.
Сепак загрижените родители секојдневно се во паника бидејќи нивните деца како што тврдат се чуваат во една просторија, а се сомневаат и во прописите на направената дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектот. За жал одговор на овие прашања не добивме стручно од медицинскиот кадар вработен во градинката кој реши да го прекине повикот наше барање на одговор од градинката.