Тркалезна маса насловена „Зoшто ‘Улица’ на Славко Јаневски е повест, а не роман?“ ќе организираат денеска Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ и издавачката куќа „Просветно дело“.
„Улица“ од Славко Јаневски е објавена во 1950 година. Таа е првото поголемо прозно дело напишано на македонски јазик и објавено пред неговиот роман „Село зад седумте јасени“ од 1952 година.
-„Улица“ во македонската историја на културата се води како повест, но сè почести се гласовите дека станува збор за кус роман. Токму поради овие дилеми, Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе ја организира тркалезна маса, информира Фондацијата.
Ќе учествуваат професори, книжевни критичари, писатели, поети: Славе Ѓорго Димоски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Ѓоко Здравески, Трајче Кацаров, Мими Блажевска, Татјана Б. Ефтимоска…, а модератор е директорот на Фондацијата, Ѕвездан Георгиевски.
Тркалезната маса ќе се одржи во читалницата „Славко Јаневски“ во центарот на Скопје, а се организира во пресрет на одбележувањето сто години од раѓањето на Славко Јаневски (11 јануари 1920) и 70-годишнината од објавувањето на „Улица“, во 2020 година. Презентираните материјали заедно со текстот на „Улица“ ќе бидат објавени во списанието „Архив ЈАНЕВСКИ“.