Во Парламентот денеска беше врачена државната награда „Свети Климент Охридски“ за 2019 година што се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на државата.
За остварување во областа на воспитанието и образованието наградата му припадна на проф. д-р Агим Паљоска, албанолог.
Наградата за остварување во областа на културата и уметноста им беше доделена на писателот Димитар Башевски и Весна Ѓиновска-Илкова, оперски пејач и Виолета Томовска, естраден уметник, а наградата за остварување во областа на здравството му се доделува проф. д-р Дејан Докиќ, пулмолог-алерголог.
Од името на добитниците се заблагодари писателот Димитар Башевски, кој рече дека наградата симболизира многу години работа и дела кои ги претставуваат нив.
– Убаво е што сред гласноста, бучавоста од партиски, политички, правни, сообраќајни и други гласови, ваквите прилики се еден момент каде вниманието се свртува кон нешто што е подолгорочно, кон нешто што трае подолго и што е поврзано со сфери како што се: културата, науката, образованието и други, рече Башевски.