петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Оркестар за погреби

Оркестар за погреби

Да бидам искрен ова име го наметнаа мангупите од нашето маало, вистинското име беше „Оркестар за свадби, крштевки, родендени, матурски забави, конечни договори …“, но за широка употреба оркестарот го користеше скратеното име „Дојде живот“.

Оформувањето на оркестарот се движеше тешко, немаше доволен број на свирачи, сепак Диригентот тврдеше дека подоцна ќе обезбеди. Со судни маки, и по некоја скршена глава, го освоија единствениот акустичен простор, во нашето маало, за вежбање. Впрочем, во ова многу му помогнаа од другите маала, па дури и од маалото од зад барата. Тоа беа разни продуценти, аранжери, режисери и други псевдо диригенти кои силно лобираа. Од нив доби на поклон блескави инструменти: Стенвеј клавир, Џипсон гитара, Премиер бубњеви, Страдивариус (како што ја нарекуваше диригентот) виолина, Селмер саксафон, драгачевска труба, Акрополи бузуки, чифтелија од Лазарет, кавали, шупелки во различни облици и димензии и др. Секако, доби и пропратни помагала како музичка вилушка од локалната кафеана „Раскољников“, метроном – висок од мајстор Буби (имаше два висока), а за штимер го зеде уличниот свирач, кој се фалеше дека некогаш свирел и во Ватикан.

Со првите звуци, што се слушаа од подрумот за вежбање, старците почнаа неволно да вртат со главата и тивко да мрморат, не знам што се случи подоцна, велат поради неодоливата привлечност на зелените хартии, но старците почнаа да го подржуваат Диригентот. Нашиот локален колпортер велеше дека проблемот, за лошите звуци, бил поради широкото образование на Диригентот, правел напори да создаде амалгам од Џез, полка, кантри, рок. Додуша и секојдневните изјави на Диригентот, како и музиката која ја компонираше, беа какафонични, денес изјавуваше дека свири рок, веќе утре дека всушност тоа било кантри со примеси на полка. Никако не можевме да го разбереме нашиот Диригент што всушност се обидува да создаде. Но, никој не ја знаеше длабоката тајна на Диригентот, создадена денови пред да го формира оркестарот.

Една зимска вечер додека, уморен од полските работи, се обидуваше да ги научи музичките графеми и занесено фантазирајки за бродвејските блесоци, Карнеги хол, Скала, Ројал Алберт хол, Франкфуртската и Виенската опера,  беше посетен од таинствена –  маскирана личност. Персоната, кој се престави како Велзевул, му даде на Диригентот илјадници снимки, од разни музички жанрови, со барање да состави компилација во стиот на „Реквием“, за ова склучија договор со позамашна сума на пари. Велзевул на нашиот Диригент му звучешо многу отмено, некако странски, па реши ова име да го земе како свое уметничко име. И така, нашиот Велзевул, постојано зборуваше дека создава копозиција во духот на „Ода на радоста“, но во позадина го пишуваше својот „Реквием“, својот епитаф, подготвувајки го оркестарот за свирка на погреб. Но, тешко му одеше, се обиде да направи одредени компилации, но звучеа какафонично, по сугестија на шареното друштво во неговиот оркестар, направи обид нашата локална музика да ја осовремени, но испадна дека ја става во Прокрустова постела и таа, јадната, крвареше од сите страни. Нашиот Диригент-хермафродит успеа да измеша се, крешендо со алегро, адаџо со форте, синкопа со стакато, експозиција со увертира, каденца…Започна кавга во публиката, се бараше одговор на основното прашање: Дали Диригентот е луд, или пак Ние кој го слушаме?

Продуцентите, аранжерите и режисерите од другите маала, на кои многу им се допаѓаше работата на Диригентот, се чудеа зошто во нашето маало не се прифаќа неговата музика. Велеа дека сме биле примитивци, музички неграмотни, кои не можеле да ја разберат авангардната – андерграунд декадентна музика, која била прифатена од мас-медиите во нивните маала. За да му помогнат на Диригентот, со цел да се создаде композиција која ќе се слуша во нашето,  а и во другите маала, го советуваа да го зголеми оркестарот, предлагајќи му неколку џезери од катакомбите на ромското маало „Шутка“, како и неколку дами, со сомнителни музички квалитети, за дувачки инструменти. Но, најголемото засилување, како корепетитор, беше најдобриот солист од предходниот оркестар, иако музички неопитен сите му признаваа дека е феноменален слухист. Некои негови драмолетки сеуште добро се држеа на топ листата, во нашето маало, на евергрин шлагери.

Нашиот Диригент, кој единствената песна која ја знаеше и постојано ја подпевнуваше беше „Баба Ката“ од урбаните легенди „Црна точка“, продолжи јавно со создавање на „Реквиемот“. Сега веќе и „Децата од нашето маало“ почнаа да ја насетуваат големата измама на Диригентот. Па така фијаското на кариерата на Диригентот Велзевул беше прашање на време. Концертот со „Реквиемот“ заврши пред и да започне, мангупите од нашето маало во нивен, локален стил, ја засипаа салата за вежбање со најразлични производи од домашно производство, скапани френки и чушки, плесен, младешки идеали, стари алишта, стари спомени,изветвени идеали, изгубени мечти, чемер и јад, медали од разни војни,отропедски помагала, искористени кондоми, неупотребливи лубриканти… Оркестарот се разбега на сите страни,побегна по разни маала, некои дури и во маалото преку барата, подоцна дознавме дека тие од поодамна таму обитувале, па дури свиле и свои гнезда А, Диригентот….. за него АФЖ-то од моето маало зборуваше дека заминал на некои, сега дали невини или дефлорирани (дефлорација) не беше јасно, острови. Други пак вела дека го виделе на голем аветински брод „Титаник“, на пат за Антарктикот. Но, нашиот уличен поштар, за кого пензионерите, заљубените и несрекните велеа дека е „најспориот поштар на светот“, се колнеше дека го видел таму од каде и беше црпнат, на полињата за ран зеленчук на Идриз бег.

На Рождество Христово 2019

Христос се роди

Вонреден професор д-р Оливер Андонов