петок, 3. мај 2024. Вести денес: 0
home Регион

Од среда се затвораат продавниците во Грција, супермаркетите и аптеките остануваат отворени

Од среда се затвораат продавниците во Грција, супермаркетите и аптеките остануваат отворени

Грчката Влада ги проширува превентивните мерки за спречување на дополнително ширење на коронавирусот и од среда се затвораат продавниците со исклучок на супермаркетите, аптеките, бензиските станици, јави дописничката на МИА од Атина.

– Во рамки на преземање нови мерки, Владата, од среда ја проширува мерката за прекин на работата и во други делови на примарниот сектор во малопродажните бизниси кои што работат со луѓе. Повторувам, исклучок се аптеките, супермаркетите, се што е поврзано со синџирот на снабдување со храна, бензиските станици, како и финансиските институции и останатите служби. Електронската трговија ќе продолжи регуларно да работи, рече заменичката портпарол на грчката Влада, Аристотелиа Пелони на денешниот брифинг, а одговарајќи на новинарско прашање кои продавници спаѓаат во новата мерка, рече дека подоцна ќе се конкретизираат мерките.

Паралелно, ги демантираше написите во медиумите објавени сабајлево дека ќе се донесе одлука за целосна забрана на движењето.

– Шпекулациите кои кружат во изминатите часови за целосна забрана за движење ја зајакнуваат конфузијата и претставуваат дезинформации. Не одговараат на реалноста, рече Пелони.

Заменичката портпарол на грчката Влада, соопшти дека сите оние кои што влегуваат на грчка територија, задолжително треба да бидат 14 дена во домашна изолација, а за оние кои што ќе ја прекршат оваа мерка, предвидена е казна.

На новинарско прашање дали грчкиот премер Кирјакос Мицотакис се тестирал за коронавирусот, со оглед на тоа дека сопругата на владиниот портпарол е позитивна на Ковид-19, Пелони рече дека Мицотакис направил анализи и резултатот бил негативен, како неговиот, така и на неговото семејство и неговите соработници.

Редовните брифинзи на грчката Влада со новинарите и странските дописници од денеска се одржуваат виртуелно со писмени прашања испратени по електронски пат.