четврток, 7. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Мицевски: ЕДЕН МЕСЕЦ КОРОНАВИРУС ВО МАКЕДОНИЈА

Колумна на Мицевски: ЕДЕН МЕСЕЦ КОРОНАВИРУС ВО МАКЕДОНИЈА

Никола Мицевски објавува колумна со наслов „Еден месец коронавирус во Македонија“.

Неговата колумна ја пренесуваме во продолжение:

Најпрво би сакал да ја искористам оваа прилика на сите македонски граѓани да им честитам што во услови на пандемија изминатиов период не проследија и две позитивни вести кои значат приближување и остварување на нашите државни интереси, а тоа се позитивната одлука за почетокот на преговорите со ЕУ (кога и да почнат) и официјалното членство во НАТО.

Да се навратиме на она што во моментов е грижа број 1 за секој човек. Почнувајќи од 25 февруари Република Македонија се наоѓа на светската мапа на земји во кои има заболени од коронавирус односно ковид – 19. Невидливата закана по човековото здравје во нашата држава пристигна преку преку патничка од Италија по копнен пат, тоа беше иницијалниот момент по кој во Македонија веќе не е исто. Вниманието на македонската јавност се сврте кон секојдневните прес конференции на министерот за здравство, но и светските медиуми кои пренесуваа за бројот на новозаразени, ширењето на вирусот, но и начинот на кој земјите го менаџираат неговото ширење со оглед на неизбежното пристагање насекаде во светот. Три недели подоцна на 11 март Светската здравствена организација прогласи пандемија, состојба кога во светот неочекувано почнува да се шири нова болест кон која луѓето немаат имунитет.

Денес, 30тина денови подоцна, во Македонија се регистрирани 285 случаи на коронавирус, од кои за жал 7 се починати, а 12 се оздравени. Според официјалните статистики во Македонија има 137 заболени на милион жители. За споредба со земјите во регионот Словенија има 364 заболени на милион жители (земја сосед на Италија), Хрватска 192 заболени на милион жители, Црна Гора 145 заболени, а под нас се Грција (116), Босна и Херцеговина (109), Србија (90), Албанија (77) и Бугарија (52). Бројот на заболени и ширењето на вирусот во голема мера зависи од мерките кои ги превземаат институциите, но секако и од свеста на граѓаните. Да бидеме искрени ние не сме Шведска и затоа е неопходно мерките да бидат рестриктивни и да ограничат некои слободи и права на секој од нас, впрочем и истражувањата на јавното мислење укажуваат на тоа дека граѓаните со огромно мнозинство одобруваат да им бидат скратени некои од нив. Дека е нужно зло да ни се ограничат одредени слободи и права „најдобар“ пример е несовесната докторка Цаца, која враќајќи се од скијање во Италија не ги зема во предвид препораките и однесе во самоизолација стотина граѓани, пред се колеги кожни доктори, а за жал некои од нив и се заболени со коронавирусот.

Владата знаејќи ја опасноста со која се соочуваме и потенцијалот за ширење на коронавирусот, како и капацитетите на македонското здравство требаше да превземе поенергични задолжителни мерки наместо препораки. Голем е бројот на лица кои во изминатите 30тина денови се вратија од европските земји, а продолжија со своите животни навики и со тоа загрозувајќи го здравјето на луѓето со кои се во комуникација, но и на сите останати. Една од мерките која е задоцнета, а за која веројатно фалеше храброст во Владата да се спроведе многу порано е задолжителниот период на изолација на сите оние кои се враќаат од земји од висок или среден ризик, наместо пополнета изјава при влез во Македонија. За илустрација, доколку оваа мерка Владата ја спроведеше уште при откривањето на првата пациентка (25.02), докторката Цаца после слаломите по скијачките патеки во ски ресортот Алта Бадиа ќе беше упатена на „продолжено зимување“ во Маврово и со тоа немаше да го доведе здравјето на голем број лица во опасност. Лицата повратници од ризичните региони ќе беа сместени во државните и приватните капацитети во период од 14 денови и со тоа ширењето ќе беше значително ограничено. Но тоа е минато и треба да учиме од грешките, мерките кои ќе ги превземаме во иднина да бидат поенергични и навремени.

ВМРО – ДПМНЕ како најголема опозициска партија веќе подолг период укажува на одредени слабости и недостатоци на институциите кои потфрлаат, но и нуди предлози и решенија за нивно надминување со цел последиците од кризата да бидат помали. Област за која сметам дека е крајно време Владата да превземе енергични чекори е економијата. Како што напоменав и погоре, да не се доведеме во ситуација работите да излезат од контрола, мерки и решенија се потребни веднаш. Секој поминат ден без мерки за поддршка на реалниот сектор значи нови отпуштања, намалени плати, зголемена неликвидност на компаниите, загрозена солвентност кои ќе не одведат во економска криза од која последиците ќе ги осеќаме долг период. Ќе ја искористам оваа прилика да упатам апел до економскиот тим на Владата час поскоро да објави конкретен пакет на мерки за поддршка на економијата и притоа да ги земе во предвид предлозите на ВМРО – ДПМНЕ кои се најдобронамерни, затоа што заедно сме посилни и полесно ќе го пребродиме овој период и предизвиците кои ни предстојат.

Планот којшто го нуди ВМРО – ДПМНЕ е во висина од 1,2 милијарди евра и опфаќа:

  • Државата да покрие до 50% од бруто платата за вработените
  • Целосно замрзнување на плаќањата на ратите кон банките и заемодавателите
  • Укинување на патарината и царинските давачки за транспортниот сектор
  • Одложување на аконтацијата за данокот на добивка за месеците април, мај и јуни
  • Одложување на плаќање на ДДВ за месец март за компаниите од дејностите погодени од кризата
  • Сето она што ќе биде скратено од платата на администрацијата ќе биде вратено по завршување на кризата, ВМРО – ДПМНЕ е против урамниловка и сите да земаат по 14.500 денари
  • Пензиите да останат навремени и во ист износ за време на кризата

Она што особено загрижува е однесувањето на СДСМ, кои во услови на криза создаваат несигурност кај граѓаните преку немање на јасен план за справување со економската криза. Во изминатиот период имаме бројни изјави од поранешниот премиер за „дупката“ во Буџетот и со секоја наредна изјава истата се зголемува, последното лицитирање со бројки заврши на износ од 2,2 милијарди евра. Несомнено е дека оваа година буџетските приходи во сите држави ќе доживеат надолна корекција, но досега нечуено е претседател на владеачка партија да се жали за дупка во буџетот и урамниловка која ќе доведе до намалена потрошувачка, притоа создавајќи сомнеж кај граѓаните и стопанството дека власта има идеја како да се преброди овој период. Економскиот тим во власта е предводен од социјален работник кој веројатно нема ниту еден ден искуство во реалниот сектор. Целта на назначување на Мила Царовска за вицепремиер за економски прашања беше задржување на висока позиција во власта и медиумското внимание во предизоборниот период. Во ниту една од калкулациите на тимот за односи со јавност на СДСМ не беше замислено дека Мила Царовска ќе сработи нешто и ќе изнајде решенија на проблемите со кои се соочува македонската економија. Донекаде истото може да се каже и за министерката за финансии, чие назначување имаше за цел да ја прикаже СДСМ како отворена партија кон младите и успешните претприемачи. Неколку месеци подоцна веќе неможеме да ја најдеме „храбрата“ министерка која го одложи прогресивното оданочување во моментите кога на македонската економија и се најпотребни брзи и одлучни чекори.

Секојдневно гледаме прес конференции разни прес конференции за извршени инспекции, на разни претставници на институциите кои известуваат за својата работа, за бројот на прекршители на полициски час, за бројот на лица сместени во државен карантин, но она што не гледаме е прес конференции за економски мерки. Во регионот владите веќе почнуваат со примена на економски планови кои тежат по неколку милијарди евра, а кај нас молк од страна на власта. Она што е загрижувачки е бројот на секојдневни соопштенија, прес конференции и реакции на разни претставници на стопанските комори, продавачите на мало, занаетчиите итн, кои гласно реагираат за немањето слух на институциите. Ако на почетокот на месец март Мила и Нина излегуваа на телевизија уверувајќи не дека Буџетот е ликвиден и во одлична кондиција и најавуваа средби со стопанските комори за превземање на економски мерки, во деновите на предизвици тотално се изгубија. Причината за нивното повлекување од очите на јавноста веројатно лежи во тоа дека економскиот тим кој ги носи одлуките не се наоѓа во институциите (Мила и Нина), туку во седиштето на партијата од која се предложени. Да потсетам, секој поминат ден без мерки значи изгубено работно место, намалена плата, влошена ликвидност, десетици милиони евра загуби за економија.

Во овие моменти на површина ќе исплива сето она што го зборевме во текот на минатата година и периодот кој измина дека Буџетот за 2020 година е ништо друго освен предизборен поткуп на граѓаните и нивно потценување дека имаат кратко помнење. Не така оддамна економскиот тим на владата велеше дека е време за храбри одлуки и инвестиции во човечки капитал и ги темпираше сите зголемувања на плати, пензии, надместоци и мерки за поддршка во првиот квартал од 2020 година. И тогаш и сега велам, Буџетот за 2020 година беше проектиран за до 12 април, за понатаму ќе видиме. Доколку ја погледнеме структурата на Буџетот ќе видиме дека износот за плати и надоместоци е зголемен за 35 милиони евра со што се надмина прагот од 500 милиони евра што се одвојуваат за оваа категорија на тековни расходи. Во овие 500 милиони евра спаѓаат и платите на замениците директори на јавните претпријатија за кои Кирацовски не убедуваше дека се за доброто на граѓаните и дека се неопходни за нивното функционирање. За договорни услуги, омилената ставка на СДСМ, за 2020 година е предвидено да се потрошат над 600 милиони евра. Рационализација на трошоците мора да има, државата и официјално се наоѓа во вонредна состојба и потребно е власта почнувајќи од себе да почне да се откажува од бројните привилегии кои се на товар на граѓаните и стопанството.

На самиот крај, по којзнае кој пат ќе апелирам власта час поскоро да превземе мерки за санирање на економските последици кои ни претстојат. Економскиот совет кој го свика техничкиот премиер не го користете за сликање, послушајте ги луѓето кои седат таму, нивните предлози и совети ни се од огромна помош да ја пребродиме кризата. Сега не е време за Заев преку Мила и Нина да одржува „лекции“ по економија, затоа што од неговите лекции ќе остане дупка од над 2 милијарди евра во Буџетот, стопанство кое тешко ќе ја преброди економската криза што неминовно ќе доведе до зголемена невработеност и пад на платите.

Чувајте се Вие и Вашето семејство, не излегувајте освен ако не е неопходно и купувајте македонски производи.

Најнови вести