Шпанка заразена со коронавирус, родила здраво машко дете. Сега се заедно, но таа не смее да го допре ниту нејзиниот сопруг ни малечкото без ракавици, сè до крајот на карантинот.
Ванеса Муро и нејзиниот сопруг дознале за нејзината зараза на 12 март. Потоа веднаш била пренесена во мадридската болница „Ла Паз“, а лекарите решиле да се направи царски рез следниот ден.
– Се чувствував ужасно. Освен стравот од зарази за бебето, бев нервозна и за тоа дека сопругот нема да биде крај мене, а и оти акушерите беа целосно покриени со заштитни костими, раскажува новопечената мајка.
По 48 часа во карантин, Муро била пуштена дома. Но, бебето е задржано на одделот за неонатологија. Таткото, кој не е заразен, го добил малечкото дури по 10 дена.
Иако минале 14 дена од карантинот, поради недостаток на тестови, не може да се потврди дека таа или кој било од нејзиното семејство веќе не се носители на вирусот. Така, мајчината прегратка без заштита, ќе почека уште некое време.