четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Хроника

Полициски началник тргнал во физичка пресметка со портпарол на МВР

Полициски началник тргнал во физичка пресметка со портпарол на МВР

Пред неколку дена во просториите на СВР Охрид се случил тежок инцидент кога еден од началниците на одделенија на локалната полиција во Охрид сакал да се пресмета физички со портпаролот на секторот на МВР кој покрива четири града Охрид, Струга, Дебар и Кичево, дознава НетПрес.

Нашите извори велат дека до инцидентот дошло откако началникот барал од портпаролот да објави информација за јавност за случај во Охрид за која веќе имало објавена информација од МВР во централата во Скопје.

Началникот кој нема никаква врска со информирањето во МВР бил насилен и освен вербални закани во еден момент тргнал физички да се пресметува со портпаролот кој петнаесетина години работи на таа работна позиција и е познат како умерен и професионален припадник на МВР одговорен за информирање на јавноста.

Физичкиот контакт бил спречен откако началникот бил запрен од негови колеги при што била спречена тепачка. Тој за време на инцидентот се заканувал дека со портпаролот ќе се пресмета надвор од СВР Охрид, тврдат сведоци на срамниот настан.

За инцидентот постои соодветна пријава и документација а го разгледува и одделот за внатрешна контрола во МВР.