На малата сцена во Македонската опера и балет во рамки на фестивалот Денови на македонска музика вечер ќе биде праизведена камерната опера во еден чин „Помеѓу соништа и летови“ по музика и либрето на Горан Начевски.
Ќе настапат камерен хор и камерен оркестар. Диригент е Иван Еминовиќ, режисер Љупка Јовановска, сценограф Зоран Николовски, костимограф Бранкица Јордановска и кореограф Маја Каревски.
Во улогите се сопранистката Александра Лазаревска-Василевски (Ѕвездата), тенорот Дејан Стоев (Таткото) и баритонот Невен Силјановски (Патникот). Учествуваат и двајца балетски играчи.
– Поднаслов на делото е „Сценска лирска фантазија“ – целта е секој од публиката да донесе свое толкување и заклучок од случувањата во приказната. Во либретото секој од нас ќе ја пронајде својата верзија од приказната. Приказна за моментот кога не сме сигурни што е сон, а што вистина, или за тоа кој е реалниот, а кој замислениот свет. Приказна без почеток, но со среќен крај, како спротивност од трагичните завршетоци на најголемиот број дела од оперската литература. соопшти СОКОМ, кој го организира фестивалот. Влезот за претставата е слободен.