четврток, 18. јануари 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

Овој ден е најцрниот во историјата на фудбалот: 328 животи згаснаа поради поништен гол (ВИДЕО)

Овој ден е најцрниот во историјата на фудбалот: 328 животи згаснаа поради поништен гол (ВИДЕО)

Стадионот на смртта. „Хилзброу“ пред „Хилзброу“ и „Хејсел“ пред „Хејсел“. Поминати се 56 години од најголемиот ужас што некогаш фудбалскиот свет го видел. Хаос и насилство кое во историските читанки ќе биде заведено како најголема катастрофа.

Лима, престолнината на Перу, стадион „Насионал“, 24 мај 1964 година. Во нередите на натпреварот Перу-Аргентина, натпревар кој е прекинат во 85 минута на резултат 0-1, страдаа 328 луѓе, воглавно како последица од губењето на воздух. Денес се верува дека властите го кријат точниот број на загинати, бидејќи во црната статистика не биле заведени оние кои ги загубиле своите животи во уличната војна со полицијата после мечот.

Повредени биле околу 500, некои велат дека официјалната бројка стигнала 4.000 луѓе. Најавтентичната и најоригиналната верзија на овие случувања веројатно никогаш нема да биде прераскажана.

Перу и Аргентина играле за пласман на Олимписките игри во Токио истата година, влогот секако бил голем, а домаќинот само со победа или реми би останал во игра за конечната цел. Скоро пет проценти од вкупната популација на Лима била присутна на трибините.

Аргентина пред гостувањето во Лима била во одлична форма, победувајќи на последните четири меча и била лидер на табелата, додека второпласиранот Перу имал учинок од две победи и едно реми, па шансите за пласирање на првите три позиции на табелата биле навистина изгледни.

Поништениот гол – иницијална каписла за хаосот

Еден од актерите на тој меч бил легендарниот перуански репрезентативец, Хектор Чумпитаз, кој е еден од рекордерите по бројот на настапи за националниот тим.

-Иако игравме добро, тие поведоа. Ние напаѓавме, Аргентина се бранеше и отприлика така се одвиваше натпреварот се до акцијата во која нивниот дефанзивец се обиде да ја избие топката, а нашиот напаѓач Кило Лобатон ја крена ногата за да блокира и топката се одби во гол. Меѓутоа, судијата свиреше прекршок, го поништи голот. Тоа доведе до бес на навивачите на трибините, се потсетува Чумпитаз.

Главниот арбитар се викал Анхел Едуардо Пазос, Уругваец по потекло. Поради тоа, некои му го припишуваат неговото однесување на тој меч како реваншизам, заради поразот на Уругвај од Перу на минатиот меч. Како и да е, навивачката тензија кулминирала и од тој момент веќе немало назад. Публиката негодувала, упатувала пцовки, започнало туркање, прашање на време било кога тоа ќе ескалирано во нешто многу полошо.

На терен прв втрчал локалниот „жесток дечко“ Виктор Васкез, во тоа време добропознат во Лима по надимакот „Црна бомба“. Упадот бил поздравен од гледалиштето, сите го бодреле во желба тој да ја преземе правдата во свои раце. Тргнал кон судијата со намера да го нокаутира, ама неговиот обид бил спречен.

-Полицијата ги пушти кучињата на тие момци, кучињата им скинаа делови од облеката. Луѓето беа вознемирени на начинот на кој момците кои втрчаа беа одведени од теренот. Тоа ги разбесна. Не знам што би се случило доколку само мирно го отстранија, вели Чумпитаз.

За само неколку секунди, гневната маса лансираше мал милион тврди предмети кон полицијата. Се повеќе луѓе втрчуваа во терен.

-Ние петмина се спуштивме по степениците за да излеземе на улица, како и многу други, ама вратите беа затворени. Се свртивме и почнавме да се качуваме на степениците. Тогаш полицијата почна да фрла солзавец. Во тој момент, луѓето на трибините трчаа во тунелот за да побегнат, таму не сретнаа. Настана страшен судир, сведочи Хозе Салас, еден од навивачите и сведоци на северната трибина.

Застрашувачка смрт ги пречека многумина на тоа место. Салас имал луда среќа. Два часа поминал во „човечки глечер“ на степениците, току цврсто притиснат, помеѓу многу тела, некои живи, некои мртви. Додека некои навивачи кои успеале да ги отворат вратите и да ги ослободат заробениците, другите се вклучиле во битка со полицијата на улица. Истовремено фудбалерите на двете селекции биле префрлени на безбедно место во соблекувалните.

-Кога стигнавме во соблекувалната, некои излегоа надвор да ја видат глетката и се вратија да ни соопштат дека има неколку мртви. Кога се враќавме во нашата тренинг база, на радиото подоцна слушавме дека бројката само се зголемува, вели Чампитаз, кој после трагедијата размислувал да ја прекине играчката кариера.

Крајниот епилог – 328 мртви навивачи

Официјалниот извештај изброи 328 мртви на самиот стадион, но бројката биле значително поголема поради борбите на навивачите и полицијата надвор од стадионот и по улиците на Лима. Судијата кој ја водел истрагата, Бенџамин Кастанедо, наводно никогаш не успеал да ги пронајде застреланите тела за да ги докаже тврдењата на очевидците на хаосот.

Неколку месеци по трагедијата, Кастендо го посетува постар човек кој му признава дека неговите двајца синови, студенти на медицина, кои патувале од провинција само за да го гледаат мечот, никогаш не се вратиле повеќе дома.

Владата ги отфрла сите обвинувања и ги адресира на „револуцинерните елементи“ на тоа време. Хорхе Салазар, новинар, профеор и автор на книга за несреќата, вели дека перуанското општество во тоа време го карактеризирало бунтовен дух.

-Тие години беа годините на „Битлси“. Фидел Кастро беше во мода, светот се промени. Во Перу луѓето за првпат разговараа за социјална правда. Имаше многу демонстрации, работнички движења и комунистички партии. „Левицата“ беше поприлично моќна и имаше често судир помеѓу народот и полицијата, изјави Салазар.

Фудбалот и животот после огромната трагедија продолжиле како ништо да не се случио. Перу во последното коло губи 4-0 и Бразил и останува без пласман на Олимписките игри во Токио. До ден денес, Перу никогаш не успеа да се квалификува на игрите.