Внимателно гледам што се случува во оваа наша напатена држава, која повеќето се уште ја викаме и ќе продолжиме да ја нарекуваме МАКЕДОНИЈА. Ги следам состојбите, и од она што може да се забележи е дека живееме во поделени светови, паралелни универзуми, во свои групи и колективи, еден крај друг.
Бизнис секторот, заедно со својата машинерија на вработени е едниот свет. Меѓу нив поделбата е јасна, владетели и потчинети. Онаму каде „владетелот“ има план, визија и помалку скржавост, сите се среќни, има раст, лојалност, заедничка среќа. Нај жално е кај феудалците. Тие се уште веруваат дека ќе најдат нови будали кои работат за „минималец“, фул 8 саати, некогаш и 6 или 7 дена во неделата, вклучувајќи ја и недела.
Десетици илјади ги изгубија работните места изминативе 3-4 месеци. Добар дел од тие бизниси се веќе згаснати, пред се во угостителството и услужните дејности. Начинот на кој не погоди кризата, прашање е колку долго ќе ни треба за да го надминеме. Интересно е да се каже дека во одредени дејности, со години има непополнети неколку илјади работни места кои во континуитет се упразнети. Проблемот е во малите плати или лошите квалификации.
Но, како се справуваме ние со кризата? Севкупната политичка состојба, и незнаењето на политичарите како да се справат со предизвиците, прави народот да биде заложник во една голема игра. Да се исправам, имам сега впечаток дека дел од играчите на власта, баш знае каде тера, поточно се обидува да се извлече од замката во која беше падната со бројните скандали и афери.
Актуелната власт успешно игра на картата да помалку се зборува за се што „направија“ изминативе три години, и се што ветија и не испорачаа. Медиумски гледаат да се бетонираат случаите во кои има скандалозни договори, а лицата од најтесното раководство кои беа оцрнети и фатени „ин флагранти“ во разни дејствија, се тргнати на страна и повлечени од јавните функции, за да делуваат од сенка.
Станавме единствени. Сегде вирусот слабее, кај нас истиот доживува своевидна ренесанса. Проценетите 2000 заболени, веќе се дуплираа на скоро 4000, и крај нема. Поради политички одлуки, се плукнаа врз кариерите на бројни здравствени работници , кои пак не покажаа доблест и образ да дадат оставки и да јавно проговорат за начин на кој популистички се справуваме со кризата. Трагедијата е што оваа криза ќе остави бројни проблеми, покрај самиот вирус кој разболи и умре и не така мал број на луѓе. Последиците ќе бидат пред се психолошки, а потоа и финансиски. Ќе треба време да се оправиме и да се нормализира состојбата.
Нашата несреќа да пандемијата ја зафати Европа, во периодот кога Македонија нема Собрание со отворена постапка за избори и техничка Влада, направи кризата место да биде здравствена, да биде политика. По мене, опозицијата беше преблага во првите месец два, кога поради самата природа на нештата, ќе беше некоректно да се води политичка борба во време кога народот е загрозен. Но, кога стана евидентно дека власта отворено тера предизборна кампања, дека влече потези кои не делуваат како борба со криза, туку поткуп на гласачи, веќе се изгуби поента. Лажните вести, подгревањето на етничка и верска нетрпеливост, заедно со обидот да народот се уплаши и затвори дома и одговара единствено на власта. Зошто? Затоа што само мала излезност на избори ќе направи власта да има пристоен резултат. Анализите говорат дека при тесен резултат, при голема излезност неопределените во главно ја поддржуваат опозицијата.
Самиот муабет дека немало потреба од јавни собири, митинзи и големи средби со граѓани, покажува дека власта е свесна дека нема ни капацитет за тоа, освен оние најблиските, нај лојалните. Силата на секоја опозиција е токму тоа, јавното искажување на револт и незадоволство. Медиумска и интернет кампања одговара само на оние кои имаат ресурси и пари, а тоа е власта.
Исказот дека треба да се навикнеме на „Новата нормалност“ е само политички памфлет. Да, треба да има поголем ред, поголема хигиена, дисциплина, па дури и зголемено ниво на едукација, но и пенализација. Но, дека со овие репресивни форми ќе го замолнете народот, нема! Дека ќе ви биде заборавено се што сторивте, никако!
„Новата нормалност“ ви е ненормална!
Александар Ристевски