Се плаши ли лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од народот па свесно ја турка државата во нова, овој пат политичка криза?!
Пред три месеци Македонија ја зафати пандемијата со коронавирусот, а малку подоцна влезе и во очекуваната економска криза. Сведоци сме секој ден како другите држави прогласуваат победа над коронавирусот, денес тоа го стори и Еминуел Макрон, францускиот претседател.
„Војната против епидемијата не е готова, но среќен сум поради оваа добиена прва битка против вирусот“, изјави Макрон.
Предходно тоа го стори Црна Гора, а бројот кај нашите соседи секојдневно се намалува, а со тоа се враќа животот во нормала. Но во Македонија се случува обратното, бројот на заболени и починати од овој вирус драстично се зголеми, а економијата тоне се подлабоко и подлабоко. Дали ваквата ситуација во државата е поради задоцнетите мерки и не сериозност на македонските власти?
Но од викендов Македонија е на прагот да влезе во нова криза, овој пат политичка.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е решен по секоја цена да оди на избори, без притоа да обезбеди конкретни протоколи со кои ќе се гарантира здравјето на граѓаните, без ОБСЕ и ОДИХР. Во секоја демократска и нормална држава, без набљудувачи нема избори, едноставно така функционира демократскиот свет, кој очигледно Зоран Заев го гледа поразлично од сите.
Вчера прес-конференција одржа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој побара одложување на изборите за десетина дена, со цел да се обезбеди услови за фер и демократски избори.
-ВМРО-ДПМНЕ има два услови и тоа се, најпрво да изработиме протоколи со кои што ќе го заштитиме здравјето на граѓаните и втората работа да имаме фер, демократски, инклузивни избори во оваа држава. Што значи тоа? Тоа значи дека првиот ден кога набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР ќе бидат во Македонија, веднаш по одржаната нивна прва прес конференција, следниот ден нека биде првиот ден од нашата кампања и од тој прв ден да го утврдиме датумот кога ќе бидат одржани овие избори. Според сегашната ситуација, она кое што ние како ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија го антиципира ме првата возможна дата е средината на месец јули, рече Мицкоски.
Тоа значи дека Зоран Заев доколку сака фер и демократски избори како што говори, треба да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ и изборите да се одложат за само десетина дена и истите наместо на 5 јули да се одржат кон средината на истиот месец.
Заев вчера веднаш по прес конференцијата на Мицкоски преку Фејсбук статус се огласи, каде повторно го повтори неговиот став, а тоа се избори на 5 јули.
-Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули. За непостапување по законите следува одговорност, напиша Заев.
Ќе оди ли Македонија на избори без конкретни протоколи за заштита од коронавирусот и без набљудувачи од ОБСЕ и ОДИХР или власта на Заев ќе се вразуми и ќе го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ останува да видиме.