Првата моја реакција ноќеска, по над 90% преброени гласови беше дека сум изненаден и збунет, но веднаш потоа решив да си ја прочитам колумната која ја објавив минатата недела и сфатив дека сум бил свесен за исходот, но можеби и самиот не верував дека тоа сценарио е можно.
Имено, со резултатите кои ги добивме синоќа има неколку екстреми. Сите добија и сите се поразени.
- СДСМ за прв пат доби избори по 2002 година, но победата е Пирова. Во предност се, но далеку од Влада.
- ВМРО ја смени пратеничката листа, а е доволно блиску и со број на мандати да без него тешко дека би имало Влада или истата силно да ја кочи и блокира.
- ДУИ се скара со сите и намали можноста за коалицирање, ама го зголеми бројот на пратеници за 50%. Без нив тешко дека ќе се тера.
- Алтернатива и Алијанса освоија доста пратеници и ојачаа како структура, но пак се само втори.
- Беса доби број на мандати кои сами не можеа да ги добијат, но зависат од други дали ќе добијат власт
- Левица влезе во Парламент. Со оглед на гласовите можеа многу повеќе, но и ова е нешто, за да водат борба од внатре.
Секогаш кога пишувам се трудам да не размислувам емотивно туку трезвено и аналитички, па да видиме од она што последно беше извадено ко резултати, што можеме да очекуваме.
Сценарио 1: Влада на СДСМ, ДУИ и Алијанса со Алтернатива. Сеалбанска Влада плус Зоран Заев. Со оглед на тоа што во своите редови ги има и Беса и свое албанско членство, во оваа варијанта Заев со соочува со своевидна „апаратхејд“ ситуација, во која би имал Влада со релативно стабилно мнозинство, но силен револт кај пред се македонско население, владеење полно со тензии и меѓуетнички конфликти. Стабилна политичка Влада, целосно дисфункционално владеење и револт кај мнозинскиот народ.
Сценарио 2: Влада на СДС и ВМРО ДПМНЕ. Готово невозможна ситуација затоа што и ДУИ и Алтернатива со Алијанса ќе сметаат дека се прави влада која ги мајоризира македонските Албанци, а тогаш постои можност и Беса да излезе од истата.
Сценарио 3: Влада на СДСМ, ВМРО ДПМНЕ и Алијанса со Алтернатива. Изводлива, реална опција. Стабилно парламентарно мнозинство, исполнет „Бадинтер“ (мнозинството македонски Албанци да се во Влада), но дали ДУИ која така труимфалистички настапи ноќва, ќе прифати да биде во опозиција?
Сценарио 4: Влада на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Влада во која сите големи би влегле стабилна по бројки и по исполнети услови, но длабоко дисфункционална. Прашање е дали и колку може да трае. Сепак факт е дека така сите би биле среќни, и можеби дури и би почнале нешто да работат.
Сценарио 5: Влада на ВМРО ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса со алтернатива, со или без Беса, без СДСМ. Малку веројатно, скоро невозможно сценарио, но хипотетички возможно
Сценарио 6: Влада во која некоја од големите партии ќе се обиде да „купи“ пратеници кои влегле преку други листи. Ова според мене е најлошо сценарио, и треба законски да се регулира, затоа што ниту еден од пратениците не влегува во Собрание поради некои лични квалитети, туку поради редоследот кој го добил на листите од политичкиот субјект кој го промовирал. Трговијата со пратеници мора да запре и да се спречи, почитувајќи ја волјата на гласачите.
Сценарио 7: Сите топтан во Влада. Претпоставувам дека единствено Левица би одбиле и Мендух Тачи од ДПА, што би ги направило херои, и би биле единствена реална опозиција, и доколку бидат остри и жестоки, на секои следни избори би профитирал. До душа многу повеќе Левица, затоа што сметам дека Мендух Тачи политички е завршена приказна.
Сценарио 8: Техничка Влада и нови избори на есен или на пролет, евентуално заедно со локалните следната есен.
Мислам дека ги исцрпив сите можни сценарија за формирање на нова Влада. Ова беа тотално чудни и невообичаени избори. Не беше коронавирусот причина за ниската излезност. Ниту топлото време и летото. Ко за чудо нај исплашените во вирусот, пензионерите гласаа ко фанатици. Тие беа огромното мнозинство од гласачкото тело. Едноставно народот или бојкотираше или не е во земјата. Македонците разочарани од промената на името штетните договори, корупцијата и криминалот, а не проаѓањето во понудата на партиите, решија да не гласаат. Македонските Албанци исто така беа разочарани, но голем дел и не се присутни во земјата за да воопшто гласаат. Видете ја излезноста во 6ка. Помалите етнички заедници добиваат трошки затоа што се зависни од волјата на СДСМ или ВМРО ДПМНЕ и реално не даваат поддршка на тие кои во моментот глумат претставници на македонските Власи, Срби, Роми, Турци или Бошњаци.
Огромен шамар за политичките елити. Се испостави дека токму она што го зборував, дека немањето кредибилитет на дел од кандидатите, без оглед на нивните звања и титули, ги прави неатрактивни за гласачите. Некои ликови кои проаѓаат кај партиските членства, но креираат анимозитет кај обичниот човек, исто така одвраќаа гласачи.
Ги прочитав добар дел од партиските програми.
- Убедливо најдобра и најсупериорна беше онаа на ВМРО ДПМНЕ. Голема, конкретна прецизна. За жал, грешките на ВМРО не се во програмата.
- Левица има интересна понуда, со бројни добри решенија од социјална природа, правна, но и онаа во сферата на регулација и депенализација на канабисот.
- СДСМ имаат добра понуда за регулација на судството, како и качување на плати, но со оглед како владееја изминатите години, не верувам дека некој им верува.
- Кандидатите на СДУ, кои се претставуваа како Македонски концепт имаа добра изборна понуда која доколку се разработи може да има и практична примена.
- Немав некоја можност да чујам што всушност нудат партиите на македонските Албанци освен се уште таа вечна битка за некакви малцински права. Тој порно национализам очигледно се уште е опиум за нивните гласачки тела. Така напред, нема.
Ни претстои период на преговарања, договарања и тезгарење. Едноставно, дури сега на народот ништо не му е јасно. Политичари, партии …исчистете се, променете се, реформирајте се, опаметете се. Вака повеќе не оди. Го полудевте народот, срозавте државата.
Александар Ристевски