Големиот број на случаи е една од причините за големата смртност. Друго е и дека доцна се јавуваат, а трето е дека инфективните одделенија и не биле доволно развиени во државава. Нелогичноста е и главен центар да биде 8 септември кој има тројца инфектолози во однос на 26 во Клиника. Тоа се дел од причините, изјави еден од врвните микробиолози во земјава, професор д-р Никола Пановски.
Ние со години ги имаме интра-хоспиталните инфекции кои со години ги криеме, вели Пановски, имаме голем процент на бактериски пневмонии кои се добиваат под вентилација.
Бројките не се добри. Ни најголемите песимисти не ги очекуваа. Институциите сега некако како затворени да се во последно време. Треба на населението да му се објасни евентуалната стратегија, истакна професор д-р Никола Пановски во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
Очекувам дека е крајно време да се направи план, сценарио и да му се каже на народот што го очекува ако продолжи да не ги почитува мерките, вели тој, бидејќи доаѓа период кога сите луѓе што се по плажите, по планините и парковите сакале не сакале ќе мора да се соберат во затворено.
-Податоците говорат дека на отворено вирусот многу послабо се шири за разлика во затворен простор. Сметам дека во најрано во октомври па до јануари ќе се почне со вакцинација. Мојот став е да се започне со ризичните групи. Тоа би било за два месеци околу 300-400.000 луѓе и тука треба да се запре. Исто така сметам дека не треба да бидат вакцинирани бебињата и децата, да не биде задолжителна и да биде бесплатна, доброволна со приоритет на постарите и ризичните групи, изјави проф.д-р Пановски, кој смета и дека градинките мора да почнат да работат бидејќи децата во истите установи се во една група и можат полесно да се контролираат.