четврток, 18. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Џонсон: Нема алтернатива за карантин

Џонсон: Нема алтернатива за карантин

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ќе објасни дека нема алтернатива за затворање на Англија, а Долниот дом на Парламентот се подготвува да донесе одлука за новите мерки за спречување на вториот бран на пандемијата на Ковид-19.

Откако минатиот месец се спротивстави на притисокот за повторно воведување на карантин на национално ниво, Џонсон во саботата објави дека нови рестриктивни мерки во Англија ќе бидат воведени од четврток на полноќ и ќе траат до 2 декември.

Велика Британија, која има најголем број на смртни случаи од Ковид-19 во Европа, се бори со повеќе од 20.000 нови случаи на ден, а научниците предупредуваат дека најлошото сценарио може да се случи оваа зима, односно бројот на смртни случаи да надмине 80.000.

– Податоците на нашите научници укажуваат на тоа дека ако не дејствуваме сега, оваа зима ќе се соочиме со два или повеќе пати повеќе смртни случаи отколку во првиот бран, ќе каже денеска Џонсон, информира неговиот кабинет.

– Соочени со овие бројки, нема друга алтернатива освен да се преземе акција на национално ниво, ќе рече британскиот премиер.

Во Британија од почетокот на пандемијата, починале 46.717 луѓе.

Според новите мерки, продавниците што продаваат основна стока, училишта и колеџите ќе продолжат да работат, но пабовите и рестораните ќе бидат затворени, освен за испораки.

Пратениците ќе гласаат за новите мерки во среда, а опозициската Лабуристичка партија најави дека ќе ги поддржи.

Другите региони на Обединетото Кралство – Шкотска, Велс и Северна Ирска, носат свои мерки за затворање, а веќе минатиот месец воведоа построги здравствени ограничувања.

Министерот Мајкл Гоув вчера рече дека затворањето на земјата ќе биде продолжено по 2 декември, доколку е потребно.