Пребрзото возење е најчеста причина за сообраќајните несреќи во тетовскиот регион за деветте месеци од годинава. Анализата на податоците собрани од сообраќајките при Секторот за внатрешни работи Тетово покажала дека една третина од 144-те несреќи се случиле поради неприлагодена брзина според условите на патот. Брзото возење, полицијата најчесто го констатира кај возачите на автопатот кон Гостивар.
-Секторот за внатрешни работи Тетово секојдневно врши контроли за брзина, пред се на автопатот, каде и најбрзо се вози и ги санкционира сите пречекорувања на максимално дозволената брзина. Паричните глоби за пречекорување на брзината во и надвор од населено место се движат од 20 до 400 евра во денарска противвредност, а за „најбрзите“ предвидена е и заштитна мерка-времено одземање на возачката дозвола од три месеци до една година, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Со оглед на тоа што претстојат врнежливи, магловити и постудени денови што ги отежнуваат условите во сообраќајот, Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до возачите да внимаваат на брзината со која се движат, посебно навечер и наутро, кога коловозите се лизгави. Ова особено се однесува на патиштата по планините каде е можна и голомразица.