петок, 23. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Стојкова Серафимовска: Секој род има и изроди, за колку Заев и Димитров ја продаваат Македонија и која е нивната награда?

Стојкова Серафимовска: Секој род има и изроди, за колку Заев и Димитров ја продаваат Македонија и која е нивната награда?

Јас сум фолклорист, етномузиколог. Мојата цел во животот е да ги истражувам македонските народни умотворби и песни.  Македонскиот фолклор е еден од најубавите и најбогатите во светот. Разновиден и создаван со векови, нашиот фолклор е волшебен како ѕуница, ткаен со генерации наназад во која од секоја боја и звук одекнува македонската душа.

Ова вечерва од протестот пред Владата го истакна Велика Стојкова Серафимовска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

-Богат ни е фолклорот, како што ни е богат и јазикот и историјата, како што ни е плодна оваа грутка земја каде никнуваат цвеќиња во сите бои, каде Бог се распослал со сите убавини па ни дал природа, планини, езера, шуми и полиња, се под едно силно сонце кое сите подеднакво не грее, а ние гордо го славиме како наш најголем симбол нацртан на македонското знаме. Создавал народот македонски, создавал со векови наназад песни, приказни, гатанки и поговорки, богати се македонските обичаи и обреди во кои тлеат верувањата од дамнешни ини времиња, но во кои се запишани и сите страдања и премрежја на оваа земја и народите кои живеат во неа, рече таа.

Порача: „Богата ни е културата и културното наследство, бидејќи каде и да копнеш нешто ќе излезе, ќе изникне од црницата некоја коска или камен, некоја теракота, некоја икона, манастир, црква, џамија или жртвеник стар колку мајката земја“.

-Знаете, мене оваа приказна ми наликува на онаа од филмот „чија е таа песна“, грчка ли е, турска ли е, бугарска ли е… Или е онаа најубавата, најпеаната, најтажната, најљубовната, печалбарската, партизанската, илинденската, МАКЕДОНСКАТА ПЕСНА! Создавал народот традиција и во неа ги запишал сите оние работи кои историјата ги премолчела, бидејќи друг ни ја пишувал. Таа традиција, фолклорот е нашата непишана архива во која Македонците ја пренесувале македонската колективна меморија. А во неа се запишани сите херои и војводи, во неа се песните за Гоце Делчев и Македонија, за Самуил, за Карев, Сандански, за Питу Гули, за Сирма војвода, за Румена војвода, за Лазар Поп Трајков, Методија Патчев, за Кузман, за Арсо војводата, за Дејан војводата, за Марко Лерински, за Чакаларов, за Стив и Ченто, и уште многу други херои кои животот го дале за СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА! Присвојувале соседите, уште присвојуваат и песни и приказни си поткраднуваат, но не се плашевме од тоа, бидејќи богата ни е земјата и традицијата, мек ни е духот, гостопримливи сме ние, благи по збор и песна. Но…. Но сега друг ни посегна по нашето, од дома ни посегнаа да не раздаваат и продаваат, божем парастос за Македонија ќе прават се накотија кодошите, расипниците, предавниците, шпиуните, се накотија оние кои овој пат не посегаат само по куќата, по душата ни посегнаа, истакна пратеничката.

Стојкова Серафимовска јавно од велерашниот протест им постави прашања на Заев и Димитров:

„Кажете ми и на мене и на народот на Македонија има ли ама само една песна во која се спомнува Гоце и Бугарија?! Има л песна за Сандански и Бугарија?! НЕМА! И нема ниту да има!

Кажете ми една песна за Пирин и Бугарија?! Или за Шар планина, Кожуф, Воден, Лерин, Кукуш, Могила, Битола, Охрид… Не, нема да најдете,  бидејќи тие се единствено МАКЕДОНСКИ!

Кажете ми вие, во оваа зграда во која сте решиле да ја закопате Македонија, кажете ми и ти Зоран Заев и ти Никола Димитров, чии се овие песни, чии се овие јунаци, чија е Копачката, чиј е Охридскиот бисер, чиј е македонскиот кавал, чија е македонската гајда? Сте прошетале ли вие од Кокино до Плаошник, од Водоча до Лешок, од Кожуф до Шара, од Пирин до Славеј планина?! Не сте прошетале бидејќи страв ви е да се прошетате во македонските села и кај македонскиот народ, бидејќи народот нема да ве пречека како јунаци, туку како предавници.

Бидејќи запишал нашиот гениј Марко Цепенков, запишале и браќата Миладновци пред него, запишале вака: „секој род има изроди“! – рече таа.

Во истражувањата, посочи, стои дека предавството како мотив во нашите револуционерни песни е еден од најпрепознатливите белези на македонската фолклорна традиција.

-Е така и вас ќе ве запишат во народната архива, ќе ви создадат песна, како онаа за предавникот на Диме Чакре, прилепски војвода, мошне интересна по содржина и по описите на одделни нејзини епизоди преку кои се потврдува упорноста на македонските кодоши по секоја цена да ја извршат својата предавничка мисија. Има многу песни во зборникот „Македонски народни песни“ на Коста Црнушанов се посветени на револуционери кои загинале поради предавство! Песната „Заробувањето на Алексо Турунџе“ го опишува предавството на легендарниот војвода извршено од кодошот Митре Гинков.  Познати се и песните за предавството на Георги Сугарев, но и предавството на Лазар Поптрајков предаден од Коте, кој му ја пресекол главата и му ја однел на грчкиот владика Каравангелис во Костур за „пендесет лири“ награда. Колку е вашата награда господа, за колку ја продадовте? Зла коб постојано била надвисната над македонската национална борба за слобода. Неединството што се манифестирало уште во времето на Кресненското и Разловечкото востание продолжило да трае со уште поголем интензитет. Туѓите пропаганди најмногу придонесувале за меѓусебните идеолошки судири со трагични последици. Мотивот предавство во нашиот фолклор е потврда за македонската  трагедија на братоубиствени пресметки, истакна таа.

Пред големиот број присутни граѓани порача:

„Но, запомнете, народните пејачи што ги создавале револуционерните песни со мотивот предавство, предавниците секогаш ги осудувале со клетви и проклетства, откривајќи им на поколенијата дека во „секој род има изроди“.

Тешки се и мрачни овие времиња, навираат зборовите и звуците на Тешкото, тешки ни се чекорите, но стамени и силни, сигурни и одлучни бидејќи знаеме кои сме и што сме.

Овој пат пуштаме вик, пуштаме глас и пееме силно како никогаш до сега да не слушнат сите во целиот свет, да го слушнат ритамот на нашето срце кое во еден глас чука за МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА, МАКЕДОНИЈА СЛОБОДНА“.

Најнови вести