вторник, 26. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

На Македонија ѝ треба нов договор со Бугарија, договорот меѓу Заев и Борисов е мртов

На Македонија ѝ треба нов договор со Бугарија, договорот меѓу Заев и Борисов е мртов

Премиерот Зоран Заев со години ја замајува македонската јавност дека на државата и народот им овозможи договор за добрососедство со Бугарија. Добрососедството толку ни се удри од глава, што Заев мораше да ги промени сите плочи во своите искази, но никако не му оди од рака да признае дека потпишал договор во кој ја претставува Македонија како лош сосед.

Откако се испазари со Грција за името, на маса во Бугарија ги стави македонската историја, македонскиот јазик и идентитет. Дури и историчарите останаа шокирани кога видоа како Заев преговара за нашите историски херои и настани.

Се прегрнуваа и бакнуваа со колегата Борисов, но од тој договор за добрососедство им останаа само фотографиите.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на синоќешното интервју на МТВ јасно го кажа ставот на партијата во однос на прашањето со Бугарија.

Тој порача: „ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да преговара за идентитетот, ако Бугарија продолжи со своите барања, треба напуштање на овој Договор на Зоран Заев и ќе бараме нов договор“.

Мицкоски кажа дека за отприлика една година следи Конгрес на партијата и ако и по Конгресот ситуацијата излезе ваква ќе се побара јасна декларација.

-Ќе излезам и ќе побарам јасна декларација дека никогаш нема да преговараме за посебноста на македонскиот јазик, идентитет, историја. А доколку продолжи соседна Бугарија да инсистира на истото, за нас Договорот со Бугарија ќе биде мртов. Еден договор, ваков договор треба да нуди иднина, а не минато. Овој Договор со Бугарија не нуди иднина, рече Мицкоски заклучувајќи дека доколку продлжат барања од Бугарија кон Македонија, во тој случај ќе треба да се оди на нов договор.

Договорот потпишан од Заев и Борисов е мртов. Македонија од “добрите соседи“ доби блокада и понижување. Заев не признава одговорност и нема намера да си поднесе оставка иако тоа е најмалку што може да го направи. Тој упорно инсистира да договара и преговара со Бугарија.

Се поизвесно е дека на Македонија ѝ треба нов договор со Бугарија, но истиот сигурно не треба да ги има истите потписници – Заев и Борисов, бидејќи видовме како тие договараат само терет на грбот на Македонија и нејзиниот народ.

Во врска со ова побаравме мислење од професорот Александар Даштевски.

Тој за „Курир“ го изјави следново:

-Сметам дека односите на Македонија со Бугарија се длабоко нарушени поради однесувањето на Зоран Заев и Никола Димитров. Тој мислејќи дека ќе ги измами сите, како што постапи со институциите и народот во Македонија, толку ги наруши односите за што ќе треба подолг временски период да се поправат. Тие, после неговата лицемерна политика нема да попуштат, а тоа може да се види од фактот што Владата го нема ставено прашањето за евроинтеграции во програмата за 2021 година. Значи, свесни се дека ниту до крајот на португалското претседателствување со ЕУ нема да се одржи конференција за датум, а со самото тоа за отворање на поглвјата. Оваа власт на чело со Зоран Заев не треба да склучува никакви договори, затоа што тоа го прави противуствно, конспиративно, без да помине низ институциите на системот, пред се Собранието на државата, а не ја информира ни јавноста, иако сите знаеме дека народот е носител на суверенитетот. Сите договори што се потпишаа и нанесоа огромна штета на Македонија, тие се понижувачки и омаловажувачки за нацијата, го загрозија суверенитетот, идентитетот, самоопределувањето, па ако сакате и територијалниот интегритет, со тоа што сами си ја избришавме националноста од сите институции и од личните документи заменувајќи ја со коси црти. Мнозинска нација е еден од основните услови за постоење на нација- држава, во модерна смисла на политичката теорија. Сите се уверивме дека договорите се склучени со присила и закана “на балкански начин” , читај противуставно и противзаконски. Сега со право соседите се повикуваат на нивно исполнување, што ќе значи крај на македонскиот етницитет кој би требал да биде носечки во нашата држава, бидејќи ние сме(сеуште) унитарна држава, рече Даштевски.

Најнови вести