Веќе два дена молк околу скандалот за РЕК Битола и државните институции околу скандалот за исплатите на работниците ангажирани преку СВ- Инвест на потребите на фабриката.
Опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ побара од власта одговор каде завршуваат околу 2/3 од парите од 21 милионскиот договор за ангажирање работници, од како што велат од партијата склучен во четири очи помеѓу РЕК Битола и СВ- Инврест.
-Според информации кои доаѓаат до нас СВ- Инвест која со РЕК Битола има склучено договор за ангажирање на работници по цена од 197 денари од час по работник, на работниците им исплаќа само по 75 денари од час. Или тоа е 1/3 од парите кои ги добиваат по работник. Овие уплатници го потврдуваат токму она за што говориме. На оваа уплатница стои сумата која што еден работник ја земал во текот на еден работен месец, изјави во неделата Орце Ѓоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Кога ќе се направи пресметка, од 21 милион кои се исплатуваат на сметка СВ- Инвест, кај работниците од РЕК завршуваат само осум милиони денари, два дена веќе институциите молчат каде завршуваат останатите 13 милиони денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашаа дали овој договор во четири очи е причина поради која е поништена транспарентната и редовна постапка за ангажирање на работници.
Овој случај како што коментираат многумина можеби би требало да го заинтересираат и Јавното обвинителство, како и финансиската полицијата, кои би требало да откријат каде завршуваат 13 милиони денари, пари на граѓаните на Република Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ кажаа дека парите на граѓаните не смеат да бидат злоупотребени. Ѓоргиевски порача дека граѓаните мора да знаат каде завршува секој еден денар.
-Власта не смее да бега од одговори. Тука не се работи за парите на фирмите на Заеви или Анѓушев, ова се пари на нашите граѓани, ова се пари на граѓаните на Република Македонија. Нашите граѓани имаат право да знаат каде и како се трошат нивните пари, изјави Ѓорѓивески.
Дополнителен сомнеж дека овој скандал откриен од ВМРО-ДПМНЕ е точен, влева и молкот, кој го има и кај РЕК Битола и во останатите државни институции.
Инаку ова не е единствен скандал во последниот период кој ја тресе РЕК Битола. Пред околу два месеци од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека вработените во фабриката се жртви на политички притисоци со цел нивно приклучување кон новоформираниот синдикат под контрола на власта.
-Новото раководство на АД ЕЛЕМ кое го постави СДСМ најпрво направи се за да ги спречи редовните синдикални избори на Самостојниот Синдикат од Енергетика, Рударство и Индустрија на Р. Македонија. Покрај тоа, раководството на СДСМ ги блокираше сите средства на оваа синдикалната организација по основ на членарина и задршки од вработените за роба како и другите приходи кон синдикатот, на 3 март оваа години изјави Викторија Христовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Христовска тогаш кажа дека за скандалот да биде поголем, одземени биле и работните простории на овој репрезентативен синдикат на АД ЕЛЕМ. Таа тогаш обвини дека ова се прави со цел работниците да се приклучат кон новата синдикална организација која треба да биде марионета на СДСМ.
-Но, бидејќи новоформираниот синдикат се уште нема членство, од страна на претпоставените на компанијата се делат пристапници на вработените со закани дека ако истите не бидат потпишани ќе сносат последици. И додека се врши притисок врз вработените, претпријатието стагнира. Според информации кои ги добивме од терен, сите големи проекти стагнираат или се запрени од страна на новото раководство. Количеството на јаглен на депонијата е минимално, односно 30.000 тони, што доколку работат трите блока истовремено не е доволно ниту за три дена, изјави тогаш Христовска.
Останати скандали кои го тресат РЕК Битола од минатото се склучувањата на скапи јавни набавки во четири очи, промени на решенија и деградирање на над 300 вработени, стопирање на еден од најзначајните проекти за битолчани, а тоа е Топлификацијата во Битола.