Српската премиерка Ана Брнабиќ најави дека мерките против коронавирусот ќе мора да се заострат и информира дека денеска ќе има состанок со медицинскиот дел на Кризниот штаб, кој инсистира на тоа.
-Сигурно ќе мора да ги заостриме мерките, но ќе видиме што може да се направи и што е најпаметно да се стори, рече таа во селото Јунковац во близина на Лазаревац, каде посети пункт за вакцинација.
Брнабиќ им се заблагодари на граѓаните кои се вакцинирале и рече дека тоа е „одговорно и пред себе и пред другите“.
Во овој момент имаме малку повеќе од 1,2 милиони вакцинирани со првата доза, а ревакцинирани се и околу 740.000 лица, така што вакцинирани се околу 21 процент од возрасната популација. Добро ни оди, имаме многу вакцини, рече Брнабиќ.
Според неа, утре во Србија ќе пристигне нова испорака на вакцини „Фајзер“, во текот на неделата нови залихи на „Спутник“, а во април се очекуваат и нови залихи на кинеските вакцини на „Синофарм“. (МИА)