Од оваа година сите хотели, вили, апартмани, студија и соби за изнајмување во Грција се должни на гостите да им пресметаат данок на престој, односно такса за престој.
Плаќањето на таква такса е воведено во хотелите од една до пет ѕвездички, како и во останатите капацитети за сместување (апартмани, соби, вили) кои примаат гости за еден или повеќе денови. Во камповите и посебно одредените категории, не се плаќа такса за престој, објави интернет страницата Грцијаинфо.
Таксата за престој се пресметува како дневен фиксен износ по соба, а не по лице. Во зависност од видот на сместувањето таксата изнесува:
– четири евра дневно по соба за хотели со 5 ѕвездички
– три евра дневно по соба за хотели со 4 ѕвездички
– 1,5 евро дневно по соба за хотели со 3 ѕвездички
– 0,5 евра дневно по соба за хотели со 1-2 ѕвездички
– 0,5 евра дневно за приватни соби, студија и апартмани
Таксата за престој се плаќа при одјавување на собата, непосредно пред заминување. Сопственикот или менаџерот на објектот или хотелот му издава на гостинот посебна потврда за извршена уплата, која содржи: датум на издавање, име на лицето кое престојувало, датум на престој, износ на таксата.
Иако ниту една официјална институција во Грција досега не објавила известување дека ќе се врши контрола на граничните премини за плаќањето на таксата, за секој случај потврдата обврзно да се зачува до излез од земјата. (МИА)