Обвинителен предлог против 32-годишен жител на селото Дуф поднесе Основното јавно обвинителство Гостивар. Лицето се товари за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 23 февруари во Вруток, обвинетиот извршил грубо насилство и телесно повредил едно лице, додека кај останатите присутни граѓани предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Оштетениот од својот автомобил се движел на регионалниот пат кај селото Вруток и во еден момент со рака му дал на обвинетиот право на првенство на минување. Но, обвинетиот продолжил да го следи со своето возило, на излезот од селото му го попречил патот, излегол од автомобилот, извадил дрво од багажникот и со него физички го нападнал оштетениот. Притоа му нанел телесни повреди и му се заканил дека ќе го убие.