петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Настава во училиште од септември ќе биде само кратка неуспешна „екскурзија“ на Царовска

Настава во училиште од септември ќе биде само кратка неуспешна „екскурзија“ на Царовска

Инфекцијата кај дечињата од Гевгелија е резултат на заспаниот имунолошки систем поради рестрикциите, оцени директорката на Клиниката за детски болести д-р Аспазија Софијанова.

Изминатиов месец родители на околу 50 деца побарале помош во гевгелиската болница. Децата се евидентирани со заболувања на дишните патишта, проследени со бронхопневмонија.  Дел од нив биле ставени на кислородна поддршка, но се во стабилна состојба.

Прво на сите им беа направени тестови за коронавирус, но истите беа негативни. За момент тоа беше олеснување, но остана прашањето што довело до ваква состојба, кај дел од нив тешка и загрижувачка. Одговорот можеби ги смири претпоставките за посериозни дијагнози, но јави нова загриженост поради фактот какви последици остави на децата целиов изминат период. Не само на овие 50 од Гевгелија, туку на децата од цела Македонија.

-Инфекцијата на дишните патишта што се појави кај децата во Гевгелија според нашите сознанија е резултат на заспаниот имунолошки систем, кој со раздвижувањето сега ja покажува истата патологија што ја гледавме во февруари и март годинава,  оцени Софијанова.

Официјалните резултати ги соопшти и министерот за здравство Венко Филипче, чие образложение отвори други прашања на кои надлежните, вклучувајќи го и него лично, мора што поскоро да најдат одговори.

Филипче истакна дека обична вирусна инфекција е утврдена по деталните анализи кај децата од Гевгелија кои појавија респираторни заболувања.

-Сакавме да потврдиме, односно да исклучиме е дали има некаква врска со ковид, затоа кај сите деца се направи серолошка анализа на крвта за да се види дали евентуално имаат антитела, односно дали изминатава година го поминале ковидот, асипмтоматски, тоа не е случај, ниту едно дете нема антитела за прележан на Ковид, истакна тој.

Покрај Гевгелија, појава на слични респираторни заболувања кај децата има и во Скопје, кои што се регистрирани во детската клиника во Козле. Филипче  лоцираше на што се должи тоа што десетици деца наеднаш пројавија вакви симптоми.

-Очигледно е сега дека имуниот систем на некој начин проработува поради тоа што подолго време биле изолирани, и сега доаѓаат децата како што се раздвижуваат, во контакт со предизвикувачи и на тој начин реагира имуниот систем, значи нема некој простор за паника, посочи министерот.

Министерот Филипче е пред се – доктор. Тој многу добро знае дека оваа негова изјава е контрадикторна. Како мисли нема простор за паника ако на сите им стана јасно дека имунолошкиот систем на дечињата долго време бил заспан, а наглото “будење“ предизвикува тешка состојба?

Проблемите не постојат само во Гевгелија и Скопје, туку во секој град во Македонија. Децата година ипол беа изолирани од врсниците, а тоа се одрази на нивното физичко, но и психичко здравје.

Реагираа и психолозите, велат дека протоколите во училиштата ќе предизвикаат анксиозност, страв, осаменост и нетрпеливост кај децата.

Новите протоколи што ги предложи Комисијата за заразни болест и ги прифати Министерството за образование (МОН), а кои се однесуваат на физичкото присуство на учениците во училиштата од септември, наидоа на остри реакции кај родителите, кај дел од лекарите, а сега и кај психолозите, пренесе ПлусИнфо.

Одржувањето физичка дистанца од 1,5 метри во училниците, ходникот и во двориштето на училиштата, задолжителното носење заштитни маски на лицата, забраната за пуштање на климатизерите и вентилацијата, како и чекањето редици за во тоалет, како што е предвидено според новите протоколи, за психолозите е претерано и контрапродуктивно.

Плусинфо разговараше со психологот Ангела Будиноска, која вели дека строгите правила можат кај децата да предизвикаат оттуѓеност, недостиг на социјална и емоционална интелигенција, помалку емпатичност, како и отсуство на препознавање и одговор на сопствените и туѓите емоции.

-Да земеме едноставен пример каде што детето не смее да допира предмет кој бил во рацете на друго дете. Тешко, дури и невозможно е да се развие концептот на заедништво и споделување. Притоа, детето е на возраст кога треба да научи да споделува работи со другите. Тоа е вештина која детето треба да ја донесе во светот на возрасните, објаснува Будиноска.

Таа предупредува дека целосната насоченост на вниманието кон мерките може да предизвика анксиозност и страв кај учениците.

-Со повторното враќање на децата во училишните клупи, треба да се очекува нивна зголемена претпазливост и будност во однос на допирање предмети, физички контакт и миење раце. Сосема е во ред да бидат свесни за протоколите и да се придржуваат мерките. Но, исто така е важно децата да не се фокусирани само на одржувањето физичка дистанца, туку да се опуштат и да не бидат постојано загрижени за сѐ околу нив. Целосната насоченост на вниманието кон мерките може да предизвика анксиозност и страв, посочува Будиноска.

На децата им треба враќање во старото нормално

Од “новото нормално“ на Заев и Филипче не видовме ништо добро. На децата им е потребно итно враќање во старото нормално. Тоа е секојдневен контакт со врсниците, враќање со физичко присуство во наставниот процес, но истовремено и да им е обезбедена целосна здравствена заштита и безбедност.

Родителите поминаа низ целосна голгота поради лошата организација на образовниот процес изминатиов период. Според последните најави, училиштата од септември ги отвораат вратите за учениците. Но, како што дознаваме, тоа не е планирано за долг рок.

-Се подготвуваме од први септември сите ученици да се вратат во училишните клупи под протоколи за заштита од Ковид-19, рече министерката за образование и наука Мила Царовска кон крајот на минатиот месец.

Планот и Протоколите веќе беа усвоени од Владата.

-Новата учебна година ќе започне со физичко присуство за сите ученици. Тоа е и најпосакувано сценарио. Секако, наставата ќе се одвива со усвоени протоколи, носење маски, проветрување и мерење на температура, рече Царовска.

Министерката потенцираше дека целта на МОН е да обезбеди континуитет на наставата, но и заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. МОН сериозно пристапува и има уште две алтернативни сценарија, но дали и кога ќе се применуваат ќе зависи од Комисијата за заразни болести.

Доколку епидемиолошката состојба се промени, може да се донесе одлука наставата од петто до деветто одделение да се спроведе со учење од далечина. Или, да се примени третата алтернатива, која предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи, но со ротација на групи ученици, така што една група е во училиште со физичко присуство, додека друга следи настава онлајн.

Како што неофицијално дознава КУРИР, наставниот кадар и управата во училиштата веќе добиваат насоки дека по отворањето на училишните врати во септември, тие брзо ќе бидат и затворени.

Имено, информациите до кои дојдовме говорат дека уште се далеку од спроведување сите потребни подготовки за наставата да се одвива по сите протоколи и мерки. Со други зборови, училиштата не се подготвени да примат толкав број на ученици, а истовремено да бидат запазени сите потребни процедури. Зад тоа што јавно го зборуваат, од МОН имаат алтернативни сценарио – наставата со физичко присуство за кусо време по почетокот на учебната година, да биде заменета со онлајн настава од дома.

Ова за децата од сите возрасти, ќе биде голем стрес. Тоа го знае секој родител, секој наставник и психолог. Го знаат и надлежните во чии раце се одлуките како ќе се одвива наставата.

Неподготвеноста на системот ќе направи наставата во училиште од септември да биде само кратка неуспешна „екскурзија“ на Царовска.

Најнови вести