Албанскиот комитет на експерти за справување со пандемијата со Ковид-19, одлучи да го продолжи времето за дозволување музика во угостителските објекти до 23:00 часот, додека полицискиот час и другите мерки остануваат непроменети.
Претседателката на комитетот и заменик-министерка за здравство, Мира Ракацоли додаде дека епидемиолошка состојба во земјата е стабилна во „време кога туризмот започнал нормално”, но сепак не може да се согласат со барањето на угостителите да се дозволи музика до полноќ.
-Комитетот на експерти, врз основа на податоците за епидемиолошката состојба, врз основа на континуитетот на процесот на вакцинација и масовната вакцинација како еден од главните елементи на заштита од зараза, одлучи да се дозволи музика во угостителските објекти до 23:00, што значи час повеќе. Другите мерки, како што е полицискиот час од полноќ до 6 часот и одржување настани, со 30 отсто пополнетост од капацитетите, остануваат и понатаму во сила, изјави Ракацоли.
Според денешните податоци на Mинистерството за здравство регистрирани се 11 новозаразени, од напарвени 3.439 тестови, починати нема, 7 лица се оздравени, додека болнички се третираат 6 пациенти, од вкупно активните 160.
Во врска со хоспитализираните ковид пациенти рече дека се на над 65 – годишна возраст и не биле вакцинирани.
Таа упати апел до граѓаните да се вакцинираат, за што, како што рече, од денес вакцината е поблиску до нив, бидејќи почна теренската вакцинација насловена „од врата до врата”, како и отворените денови за вакцинација на лицата над 18 години.