Саемот на книга по втор пат, поради пандемијата, се реализираше на отворен простор во комплексот на А1 Арена – СЦ Борис Трајковски. Издавачките куќи присутни на овогодинешниот саем на книга изразија задоволство од концепциската поставеност, континуитетот на саемот и безбедните услови за негово непречено одржување.
Според организаторите на Саемот, интересот за читање на сите видови литература е во постојан подем во последните неколку години што покажува и бројката на посетители, која во овие пандемиски услови достигна 15.000.
На саемот се претставија над 60 изложувачи, се организираа промоции на нови изданија и автори во Промотивниот центар и на штандовите на издавачите. За време на саемот на книга, се доделија и наградите од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), како и наградите од Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ).
-Дополнителен мотив за организирање на ваков настан е податокот дека домашните автори доаѓаат до израз, и радува фактот што младата популација и оваа година зазема значителен дел од вкупната бројка на посетители на саемот, посочуваат организаторите во соопштение.
Саемот е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје. (МИА)