Европскиот првак Италија во јуни 2022 година ќе се соочи со победникот на Копа Америка, Аргентина, соопшти вечерва Европската фудбалска федерација (УЕФА).
– Со договорот што го постигнаа двете организации (УЕФА и КОНМЕБОЛ) во моментов се покриваат три изданија на овој натпревар меѓу континенталните прваци, објави Европската Куќа на фудбалот.
За дуелот сè уште не е утврдено официјално име, ниту местото на одржување, но западните агенции јавија дека дуелот добил работен наслов „Финалисимо“.
Објавата уследи откако европското управно тело УЕФА, и нивните јужноамерикански колеги од КОНМЕБОЛ остро се спротивставија на плановите на ФИФА за двегодишно Светско првенство.
Претходно овој месец, УЕФА и КОНМЕБОЛ објавија основање заедничка канцеларија со седиште во Лондон која ќе биде задолжена за координација на „проекти од заеднички интерес“.