Немаме никаков отчет од ова што е правено до сега во општина Охрид, затоа кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт по 17 октомври ќе се смени сликата на Охрид, рече Кирил Пецаков, кандидат за градоначалник на Охрид на вечерашната дебата на Македонската телевизија.
„Разликата меѓу законодавна власт и локалната самоуправа е многу различна. Предизвикот е голем да се биде дел од локалната самоуправа, денес сакам да допринесам со свои идеи, проекти. Има неколку проекти кои ми се предизвик и кои се важни за Охрид тиа е реконструкција на два главни плоштади, ревитализација на Студенчишко блато, мултифункционално игралиште, и изградба на училиште“, рече Пецаков.
Пецаков посочи дека овие работи се неопходни бидејќи во градот ништо не е направено во периодот на СДСМ
„Принципот на кој делувавте покажа дека во се се согласувате или се согласувате со тоа што правело ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го покажавте со тоа што продолживте проекти од претходната локална самоуправа, ама тоа покажува дека ништо ваше не сработивте“, кажа Пецаков.
Според него во моментов сериозен предизвик е да се исполни и да се биде на патот на она што УНЕСКО го посочува за Охрид.
„Предизвик е спроведување на насоките од УНЕСКО, се разбира ако сакаме да го задржиме статусот на Охрид дивоградбите и нивното решавање се клучни. Тоа се актуелизира или овој проблем се актуелизира сега и да тие се проблем и треба да се реши ова, ама тоа ќе се слуќи кога ќе се решат деталните урбанистички планови. Тогаш ќе се реши и проблемот со дивоградбите“, рече Пецаков.
Значи план има, вели Пецаков, и укажува дека истиот мора да се почитува, бидејќи Охрид мора да остане на листата на УНЕСКО.