Единствено нешто позитивно од неодамна спроведениот попис е тоа што воопшто се одржа, и ништо повеќе. Работата се заврши во смисла „помина и тоа чудо“, и толку. Ајде малку да проанализираме како се изврши истата статистичка операција.
За разлика од пописот во 2011 кога на терен одеа по двајца, овој пат истиот го спроведуваше само едно лице. Навидум небитно, за многумина и целосно ирелевантно, но за се средини, како онаа во која јас директно бев инволвиран тогааш (н.з. Чаир) и не така небитно. Имено таму беше битка дека во буквално секој реон мора да има попишувач кој е етнички Албанец, дури и во места каде живеат во целост Роми, Македонци или други. Тогаш, настојувањето беше да се евидентираат буквално сите за кои се поседува матичен број, без оглед дали се државјани, или престојуваат во странство. Попишувачите беа изложени на бројни притисоци и закани, па како што и претходно сум пишувал имаше ситуации каде што во една куќа беа внесени 43 луѓе, иако во реалноста таму не живеат ни десет.
Симптоматично на овој попис беше што немаше никаква писмена евиденција, никаков потпис, ништо што ќе остане како доказ во хард копи. Девојчето кое дојде кај мене во општина Карпош беше студентка, не ми побара никаков документ за идентификација, само да и го кажам матичниот усмено, и праша дали имам уште некого да кажам за да внесе. Околу поставените прашања… Ја немаше како ставка моја наобразба, па попишувачката мораше да внесе нешто за што јас нема диплома, туку нешто сродно, иако мојата струка со генерации е дел од системот на образование на Универзитетот Свети Кирил и Методиј (дипломиран сум етнолог/антрополог, ме заведе како социолог и културни студии). Нема точна евиденција за работна состојба, но затоа има прашање дали се занимавам со земјоделие и дали чувам стока.
Од тоа што слушам од луѓето, самите прашања се лошо конципирани и не оставаат неретко можност за избор, туку наведуваат на одговор. На крајот се’ се сведува на тоа кој што е етнички, верски и кој јазик го зборува како мајчин. Сето тоа се меморира со еден клик, нема верификација, авторизација, потврдување и доказ дека истите податоци нема да бидат карикирани, модифицирани. Едноставно треба да му веруваме на Апостол Симоски и на администрацијата, за што праксата во минатото не покажала баш многу причини за верба.
Ајде малку за бројките. Македонија има нешто над два и пол милиони државјани (2.500.000). Значи зборуваме за два и пол милиони кои се регистрирани луѓе со македонско државјанство. Да не заборавиме дека огромен број етнички Македонци пред се, кои се иселени пред 90та, го немаат истото. Прост пример, јас имам две тетки (сестри на мајка ми) кои се во Австралија. Тие имаат сопрузи етнички Македонци. Од нив имам четири први братучеди, двајца од нив имаат жени Македонки, од кои моите тетки имаат пет внучиња. Сите етнички Македонци. Но тие единствено имаат Австралиски документи, и тие не влегуваат како и огромен број други Македонци во ова пребројување, иако ние решивме електронски да ги броиме и други слични такви кои се по 10-20-30 години во странство, но со документи. Такви пребројавме нешто над 200.000.
Паднаа во вода проценките на многумина дека во Македонија нема повеќе од еден и пол милион активни жители. Самата бројка од попишани над 1.85 милиони покажува дека апокалиптичните сценарија се лажни и фејк, а ако земеме во предвид дека и не така мал број одбија да се попишат, потврдува дека сепак во државава има 2 милиони жители.
Останува едно нешто кое треба да се проанализира. Доколку бројот на електронски евидентирани и оние кои се попишани, е нешто над 2 милиони, каде физички се наоѓаат останатите 500.000 македонски државјани. Друго, како на избирачките списоци имаме број на гласачи, колку што имаме и жители. Ова само покажува дека кај нас всушност на избори не излегуваат 55-60 проценти, туку над 75-80%, затоа што евидентно дека голем дел од имињата на избирачките списоци се фиктивни или со лица кои воопшто тука ги нема присутни. Најголем доказ за тоа беше Референдумот за промена на името, на кој во одредени избирачки места гласаа луѓе со бројки кои никогаш ги немало таму ни на локални ни на парламентарни избори, само потврдувајќи ги штелуваните бројки, на и така неуспешниот Референдум.
Што добија оние кои Пописот го бојкотираа? Апсолутно ништо, дури и направија штета на самите себеси. Истите преку системот на компарација на електронските бази на податоци ќе бидат системски внесени, каде живеат, работат, функционираат, но нема да имаат етничка, верска и јазична определба, тоа барем го кажаа со неколку изјави луѓето од Заводот за статистика. Земајќи во предвид дека тука пописот не е статистичка операција туку трка на „племиња“ и „банди“, од вашите и од нашите, тие кои не се попишаа, само направија штета на своите. Ништо повеќе. Понатаму останува да видиме дали и тие податоци кои се собраа, кој, како и за што ќе ги искористи или злоупотреби. Во време кога владее целосна недоверба во институциите, пописот беше операција која мораше и требаше да се случи, но по мене истиот беше едена огромна импровизација, исто како во 1994та, и како 2002та, а за жал кога тргна да се прави стабилно и темелно во 2011та, истиот беше опструиран и саботиран, свесно да не се истера до крај.
Искрено, само се надевам дека она што сега пост фестум ќе се тера нема да биде пазарење и штелување, затоа што стана смешно да се читаат изјавите на одредени етнички заедници код колку не признаваат попис. Тогаш ќе излезе дека тука живеат сите, само Македонци не. Пак ќе речам дека оној Рамковен од 2001 ја направи Македонија земја на племиња, а не национална држава на Македонците и сите останати кои живеат во неа со граѓански тип на уредување. Цехот од лошите политики, секогаш од после доаѓа, за жал.