четврток, 4. јануари 2024. Вести денес: 0
home Скопје

Ѓорѓиевски: Создаваме нова иднина – предвидуваме две технолошкo развојни зони, изградба на две градинки, во Пржино ќе изградиме спортско рекреативен центар

Ѓорѓиевски: Создаваме нова иднина – предвидуваме две технолошкo развојни зони, изградба на две градинки, во Пржино ќе изградиме спортско рекреативен центар

Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Кисела Вода на вечерашната дебата во емисијата „Само вистина“ што се емитува на телевизија Канал 5 рече дека градоначалничкиот мандат ќе го почне со чесно и домаќинско работење и ќе ја сопре бруталната партизација на општинската админстрација.

-Го преспавте мандатот. Нула капитални инвестиции имате во текот на мандатот. Ние предвидуваме две технолошко развојни зони, една во Драчево, една во Чуприја. Една инвестиција немате за 4 години. Ќе направиме ревизија на сите одобренија за градба и сите планови ќе ги носиме со граѓаните. И нешто што е многу важно е образованието и градинките. Повеќе од 400 деца чекаат да бидат сместени во градинки, затоа планирана е изградба на две градинки, рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски рече дека е да за урбанизација но не на начин на кој тоа го прави СДСМ.

-Темелковски предвидува 99 згради, вие сте креаторот на бетонското чудовиште во Расадник, му рече Ѓеорѓиевски на актуелниот градоначалник, Филип Темелковски на Кисела Вода кој беше дел од дебата.

Според него за Расадник завршниот збор ќе го имаат граѓаните и сите ќе бидат вклучени во таа постапка за средување на тој простор. Во Пржино и Црниче исто така не е ништо инвестирано, рече Ѓорѓиевски и укажа дека таму мора да се сопре градежната експанзија.

-Таму не се знае кој што прави, нема табли на местата каде се гради. Ние за Пржино планираме друго. Во Пржино ќе направиме еден убав спортско рекреативен центар, рече Ѓорѓиевски.

Во глава ви се само провизии и кафеани, рече Ѓорѓиевски обраќајќи му се на Темелковски и додаде „да не беше предизборие немаше да направите ништо, сега еден исти багер го шета од населба во населба“.