Селекторот на фудбалската репрезентација на Италија, Роберто Манчини нема да може да смета на уште тројца играчи на решавачкиот натпревар за Светското првенство против Северна Ирска.
Во тимот поради повреди нема да бидат Алесандро Бастони и Давиде Калабрија, додека Кристијано Бираги го напушти тимот од приватни причини. На почетокот на оваа недела тимот го напуштија четворица играчи поради повреди, капитенот Џорџо Киелини, Чиро Имобиле, Николо Заниоло и Лоренцо Пелегрини.
Актуелниот европски првак Италија си ја отежна ситуацијата во групата откако одигра нерешено 1:1 против Швајцарија.
На табелата од групата Ц, Италија и Швајцарија имаат по 15 бодови, а „азурите“ се први поради подобра гол разлика. Во случај на ист број бодови, иста гол разлика и ист број на постигнати голови, прва ќе биде Швајцарија, бидејќи дома одиграа 0:0 со Италија, а 1:1 во Рим.
Натпреварите од последното коло од групата Ц се играат во понеделник, Италија од 20.45 часот во Белфаст ќе игра против Северна Ирска, а во Луцерн во истиот термин Швајцарија ќе игра против Бугарија.
Победниците од групите директно ќе се квалификуваат за СП 2022 во Катар, а второпласираните селекции и две селекции од Лигата на нации ќе играат во плеј-офот во март.