среда, 3. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Канада ја одобри вакцината на Фајзер за деца од 5 до 11 години

Канада ја одобри вакцината на Фајзер за деца од 5 до 11 години

Канадските здравствени власти денеска објавија дека ја одобруваат употребата на вакцината против Ковид на Pfizer/BioNTech за деца на возраст од 5 до 11 години.

„По целосно независен научен преглед, Министерството за здравство утврди дека придобивките од оваа вакцина за деца на возраст од 5 до 11 години ги надминуваат опасностите“, се вели во соопштението на властите.

Дозата на вакцината за овие деца е намалена на 10 микрограми по инјекција, или три пати помалку од вообичаената доза. Инјекциите треба да се даваат во период од три недели, соопшти Health Canada, но не кажале кога ќе започне вакцинацијата.

„Ние тесно соработуваме со производителот и по одобрувањето од Health Canada очекуваме да ги добиеме дозите многу брзо“, рече на прес-конференција Тереза ​​Там, главен канадски службеник за јавно здравје.

Високиот функционер прецизира дека федералните власти соработуваат со 13 провинции и територии „за да се уверат дека сите се подготвени за испорака, логистика и спроведување на педијатриска имунизација“.

За време на клиничките испитувања, имунолошкиот одговор на децата на возраст од 5 до 11 години бил сличен на оној на младите луѓе на возраст од 16 до 25 години. Вакцината била 90,7 отсто ефикасна во спречувањето на Ковид-19 кај деца на возраст од 5 до 11 години и не се забележани сериозни несакани ефекти, соопштило Министерството.

Pfizer / BioNTech аплицирале за одобрување на 18 ноември врз основа на податоците од студиите спроведени на 2.268 деца од таа возрасна група.

Во средата, американската биотехнолошка компанија Модерна поднесе барање за одобрување на својата вакцина против Ковид за деца на возраст од 6 до 11 години.

Во Канада, повеќе од 85 отсто од луѓето на возраст над 12 години се вакцинирани против Ковид-19.

Мал број земји, вклучувајќи ги Израел и Соединетите држави, досега ја одобрија вакцината Pfizer / BioNTech за деца.

Кина, Обединетите Арапски Емирати, Камбоџа и Колумбија исто така почнале да ги вакцинираат децата помлади од 12 години, но со кинеските вакцини.

Израел во вторник почнува да ги вакцинира децата на возраст од 5 до 11 години со вакцината Pfizer.