недела, 11. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

НЕ НАУЧИВМЕ НИШТО ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО ЛАСКАРЦИ

НЕ НАУЧИВМЕ НИШТО ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО ЛАСКАРЦИ

Огромна трагедија ја потресе Македонија, во која 46 наши сограѓани го загубија својот живот во автобуската несреќа која се случи во Бугарија. Ова е најголемата трагедија која во последната деценија се случила во Европа. Ништо помалку трогателна не беше ниту несреќата која пред две и пол години се случи во Ласкарци, во која таму животот го загубија 16 наши сограѓани, а голем број беа тешко повредени.

Но, како ништо да не научивме од таа несреќа?

Ова денес во вестите на Сител го посочи и машинскиот инженер и експерт за сообраќај, Игор Митревски.

Тој рече дека техничките прегледи се доста неорганизирани и дека во иднина треба темелно и суштински, а не само фасадно да се обрнува внимание на возилата кои превезуваат патници.

Други сообраќајни експерти сметаат дека МВР мора темелно да спроведе контрола, да се утврди од кое подрачје доаѓаат неисправни автобуси и да се фокусира на тамошните станици за технички прегледи, па и да преземе превентивно-репресивни мерки бидејќи не смееме да дозволиме често да ни се случуваат вакви несреќи, кои во последниот период зачестија.

Исто така, системот, односно власта не треба да прогледува низ прсти на оние блиски до нив кои имаат агениции за превоз на патници, па техничката состојба на возилата да е одлична само на хартија или воопшто да не се прави, затоа што се работи за човечки животи.

Во трагедијата кај Ласкарци, се утврди техничка неисправност кај автобусот и токму поради тоа требаше да се научи дека не треба да има никакви импровизации, ниту пропусти кога се работи за исправноста и проверките на возилото.

Откако се случи трагедијата, при зајакната контрола на сообраќајната полиција утврден беше сериозен системски пропуст при проверката на исправноста на возилата за превоз на патници, така што голем дел од возилата кои сообраќаат низ македонските патишта и превезуваат патници, имале неисправни уреди за сопирање или управување на самото возило.

На сето ова треба да му се стави крај, односно надлежните мора сериозно да си ја вршат работата а не селективно, бидејќи Македонија нема животи за фрлање на македонските патишта. Ласкарци требаше да не научи и да ги зајакне сите контроли, да казнува и исклучува од сообраќај при најмал недостаток на возило.

Причините од трагедијата која се случи во Бугарија допрва ќе се утврдуваат, но системот мора конечно да излезе на терен и безмилосно да казнува при евентуални технички пропусти на возилата кои превезуваат патници.

Токму ова говори дека властите кои треба да се позанимаваат со ова ништо не научиле, а пропуста е и во приватните превозници кои не вложуваат во обнова на возните паркови за превоз на патници, туку купуваат дотраени од надвор и најверојатно технички помалку исправни.

Најнови вести