Израел денеска ги предупреди светските сили да бидат претпазливи од „нуклеарната уцена“ на Иран додека дипломатите се собраа во Виена за да разговараат за обнова на нуклеарниот договор со Техеран од 2015 година.
– Иран денеска ќе дојде во Виена на преговори со јасна цел да ги прекине санкциите, а за возврат да не даде речиси ништо, изјави израелскиот премиер Нафтали Бенет.
Нагласувајќи го непријателството на Иран кон Израел, Бенет рече дека Иран не ги крие своите намери.
– Ваков криминален режим не треба да се наградува, додаде тој.
Во Виена денеска се водат нови преговори во обид да се заживее нуклеарниот договор со Иран. Тоа е прво дипломатско зближување по петмесечна пауза и смена на кормилото на Иран.
Нуклеарниот договор со Иран беше усвоен во Виена во 2015 година по повеќегодишни преговори кога се согласи да ја ограничи нуклеарната програма на Иран и да го спречи развојот на нуклеарно оружје.
За возврат, санкциите кон Иран беа укинати.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го сметаше за лош договор и во 2018 година најави повлекување на неговата земја од тој договор.
Следеа нови санкции, кои му нанесоа голема економска и финансиска штета на Иран.
Како одговор, Иран почна да ја проширува својата програма за збогатување ураниум, ограничувајќи ја работата на меѓународните инспектори.
За западните партнери во преговорите ова беше голем проблем, бидејќи знаењето стекнато во врска со изградбата на нуклеарно оружје не можеше да се отстрани со договор. Дополнително, Техеран бара од Вашингтон гаранции дека повторно нема да се повлече од Договорот.
Американскиот претседател Џо Бајден вети дека САД ќе ги почитуваат сите договори сè додека Иран го прави истото.
Во пресрет на денешната нова рунда преговори, на која присуствуваат и претставници на ЕУ, западните преговарачи се загрижени, бидејќи Иран има големо количество високо збогатен ураниум.