Поранешниот шеф на израелската разузнавачка агенција Мосад, Тамир Пардо изјави дека премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху во 2011. година издал наредба на војската да подготви напад на Иран во рок од 15 дена.
Пардо во емисијата „Увда“ на телевизијата Кешет рече дека наредбата сепак не била дадена.
Кабинетот на Нетанјаху засега не ги коментираше овие тврдења.
Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак кој беше министер за одбрана во 2011. година претходно тврдеше дека Нетанјаху имал намера го бомбардира Иран во 2010. и 2011. година, но оти бил предупреден од страна на високи израелски функционери.
Пардо, пак, изјави дека се консултирал со правни советници во Мосад по наредбата, но не објасни што се случувало потоа.
Израелскиот лидер е остар критичар на Иран и ја обвинува таа земја за обид да развие нуклеарно оружје.
-Коа ќе ти каже дека почнува одбројувањето, знаеш дека не си игра со тебе. Такви работи имаат огромно значење, рече Пардо.
Нетанјаху во средата изјави дека Израел нема да дозволи Иран да се вооружа со нуклеарно оружје.
-Ќе продолжиме да делуваме против намерата (Иран) воено да се зацврсти во Сирија, покрај нас, не само кон Голанската висорамнина, туку на секое место во Сирија, рече израелскиот лидер.
Пардо обелодени план за напад во време кога Израел и Иран водат војна во сенка во Сирија која накратко се закани да прерасне во отворена војна, кога израелската војска месецов нападна ирански позиции во Сирија, убивајќи ирански војници. Ова се случи по наводните ирански ракети кои беа испалени кон стратешниот Голан кој е под израелска контрола.
Во февруари Израел собори ирански дрон, кој влегол во израелскиот воздушен простор, а потоа беше соопштено оти бил вооружен.